Џафери: По конфликтите ни останува помирувањето - тоа треба да биде мисија на сите заедници во Македонија

Денеска по повод 12 години од потпишувањето на Рамковниот договор, вицепремиерот задолжен за спроведување на истиот, Муса Џафери, изјави дека по сите конфликти ни останува помирувањето кое беше и натаму треба да биде мисија на сите заедници во Македонија.

- Охридскиот договор обезбеди мир во изминатите 12 години, создаде простор за интегрирање на сите заедници кои претходно беа маргинализирани, оцени Џафери според кој Рамковниот е вид компромис со кој можеби ниту една страна не е задоволена, но се креираше модел за функционирање без дискриминација, се реши насилството, а преку дијалогот се доближуваме до европските вредности.

- Од историски аспект, Македонија немаше храброст во соодветно време да ги решава и третира овие прашања поради што се создаде проблем, истакна вицепремиерот.

Љупчо Георгиевски, еден од потписниците на Охридскиот договор, констатира дека Албанците во тоа време апсолутно имаа право да бараат промена во Уставот, но, како што рече, останува дилемата дали за тоа беше неопходен воен судир. - Дали Македонија имаше потреба од радикална промена на Уставот? Да, времето беше зрело за Албанците да ги подигнат своите права на повисоко ниво. Но  дали беше направен вистинскиот потег, дали требаше правата да се бараат со крвополевање, праша Георгиевски.

Во текот на дискусијата поранешниот пратеник Насер Зибери забележа дека македонските политичари сеуште се плашат да се појават на вакви настани зашто мислат дека јавноста ќе ги осуди и ќе ги изгубат изборите. - Не е доволно само македонските политичари од опозицијата да го дадат своето мислење, тоа треба да го сторат и оние што се на власт, напомена Зибери.

На расправата  освен тогашните учесници во процесот, учествуваат и повеќе претставници од меѓународната заедница. 

ФОТО: Кајгана

16:19