ВМРО-ДПМНЕ: Недозволиво е Тиранска платформа да стане услов за формирање Влада во Македонија
На изборите кои поминаа, граѓаните гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, а не за Тиранската платформа. Недозволиво е Тиранска платформа да стане услов за формирање на Влада во Република Македонија. Таа Влада би била Тиранска Влада, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Усвојување заедничка и обврзувачка Резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во процесот за решавање на спорот со името“.
„Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција“.
„Брза интеграција во НАТО и во Европската унија – Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија“.
Ова се точките од Платформата кои се прифатени од страна на Зоран Заев и СДСМ под уцена да формираат Тиранска Влада во Република Македонија, а се однесуваат на промена на името.
На изборите кои поминаа, граѓаните гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, а не за Тиранската платформа. Не дозволиво е Тиранска платформа да стане услов за формирање на Влада во Република Македонија. Таа Влада би била Тиранска Влада.
Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да ја свиткаат кичмата, да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и неговото кирилско писмо. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да ги променат името на државата, химната, знамето, банкнотите, униформите, написите.
Дали граѓаните се подготвени за редефинирање, кантотнизација, федерализација, промена на име, знаме и химна на Република Македонија по цена на формирање Тиранска Влада?
Зоран Заев и СДСМ се уценети да ја прифатат Платформата и да формираат Тиранска Влада. Единствено решение и одговор на сите прашања ќе може да се добијат на нови предвремени парламентарни избори, отфрлајќи секакви Платформи од туѓи држави.
Аболицираниот Заев прифаќа дури и Тиранска Влада се по цена да го возобнови режимот на СДСМ кој граѓаните добро го паметат. Режим кој значеше криминал, затворање фабрики, бркање на улица 200.000 граѓани, шверц, неразјаснети убиства, накит со државни пари.
Доколку Зоран Заев и СДСМ имаат сомнеж дека платформата од Тирана е штетна за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува да ја отфрлат. Во таков случај би му помогнале на Зоран Заев и СДСМ да формираат Влада каква што сакаат и која нема да биде Тиранска Влада и покрај тоа што загубија на изборите. Цената ќе биде далеку помала отколку цената што ќе ја плаќаат сите идни генерации доколку Зоран Заев и СДСМ не ги отфрлат уцените.
ВМРО-ДПМНЕ чувствува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата „За подобра Македонија“. Заради почитта кон нив и нашата стратешка определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа