„За Заедничка Македонија“: Ги осудуваме нападите кон граѓаните кои протестираат, не се откажуваме

 

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ изрази згрозеност од навредите што политичари и новинари ги упатиле кон стотиците илјади луѓе кои застанале во одбрана на татковината. Тие, сметаат оттаму, се перфидна тактика за одвраќање на луѓето со закани и клевети за да им се задуши енергијата која, како што велат, од ден на ден е се поголема. Побара извинување од оние кои ги изрекле навредите и најавија дека нема да се повлечат.

Иницијативата реагира на настапите на политичари и новинари кои граѓаните што ги поддржуваат ги нарекле пијаници, бандити и фашисти. - На ваквите обиди одговараме. Нема срам од љубовта кон Македонија и нема повлекување. Меѓу нас има само вредности и само позитивна мисла. Затоа на сите стотици илјади граѓани кои деновиве прошетаа на улиците на Македонија им  благодариме и ги повикуваме да продолжиме на граѓански, домаќински, еснафски начин да ги промовираме вредностите за кои излегуваме на улица и да продолжиме да се бориме за заедничка Македонија, рече Богдан Илиевски од иницијативата за „За заедничка Македонија“.

Овие навреди, рече тој, покрај тоа што се навреди за стотиците илјади што излегоа на улиците, се навреда и за уште милион луѓе кои се за заедничка Македонија.

- Тие се чесни луѓе, домаќини, еснафи од сите професии и сите возрасти. Културни луѓе коишто ги обединува љубовта кон својата татковина, рече Илиевски.

Додаде дека она за што се залагаат тие е базирано на она за што се залагале асномците, основачите на ВМРО, Никола Карев, бранителите, Кузман Јосифовски Питу, Крсте Петков Мисирков и уште многу други дејци.

- Нашите идеи и вредности  се базирани на мислата и светогледот на овие луѓе. Тие не биле фашисти, ниту пијаници. Тие се бореле против фашистите и злотворите. Ваквите квалификации се срамни. Ова е една перфидна тактика за одвраќање на луѓето со закани и клевети за да им се загуши енергијата која од ден на ден е се поголема. Ова е уште еден обид на луѓето да им се наметне срам од сопствениот патриотизам, слободна мисла и дејствување за доброто на татковината, рече Илиевски.

Дарко Мијалковски истакна дека неговото приклучување кон оваа граѓанска иницијатива е исклучиво во насока за зачувување на татковината.

- Јас сум човек кој прави емисии за дечиња во Република Македонија повеќе од 17 години и се трудам во моите емисии да ги учам да ја сакаат својата татковина. Навистина тешко ми паѓа кога некој ќе не нарече со вакви погрдни зборови поготово со самото тоа што и јас сум родител и не би сакал некакви фашисти да влијаат врз едуцирањето на моите деца, рече тој и побара извинување од оние кои тие навреди ги изговориле.

Изрази зачуденост и побара одговор зошто одредена група, како што рече, „наши браќа, пријатели, би ги кажал Македонци, се свртеа против друга група етнички Македонци кои застанаа да ја бранат својата татковина“.

Нападите, Борис Дамовски од Иницијативата за заедничка Македонија, ги оквалификува како спинови кои ги очекувале, но не во толкава мерка.

- Навредите кон оваа огромна група граѓани кои се собираат секојдневно низ цела Македонија се непримерни и безобразни и би рекол тие се фашизоидни. Ги повикувам сите учесници да направат се протестите да бидат мирни и достоинствени. Тоа од ден на ден и се докажува, рече Дамовски.

Најави дека мирните протести ќе продолжат и денеска и во наредните денови

 

 

 

03.03.2017 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега