Германија повикува на смирување на состојбата во Македонија
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел за време на посетата на Украина денеска ги коментираше состојбите во Македонија.
- Влошувањето на внатрешната политичка ситуација во поранешната југословенска Република Македонија е многу вознемирувачко. Внатрешната политичка стагнација се заканува да ја врати земјата назад по патот кон Европската Унија, се вели во изјавата на Габриел што ја објави германското МНР, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Според Габриел, „претседателот Иванов и покрај тоа што лидерот на опозицијата ги собрал потребните потписи за создавање ново парламентарно мнозинство одбил да го даде мандатот за нова влада. Тоа е спротивно на демократските принципи и европските вредности на кои што се обврза земјата. Претседателот Иванов треба повторно да размисли за оваа одлука и да ја исправи во интерес на граѓаните на неговата земја“, се вели во изјавата на Габриел кој е лидер на германските социјалдемократи.
- Германија стои зад јасните пораки испратени вчера во Скопје од Високиот претставник на ЕУ Федерика Могерини, до политичките фактори и претставниците на македонското граѓанско општество, порачува шефот на германската дипломатија.
Габриел ги повикува сите политички фактори во Скопје да делуваат одговорно во актуелната вжештена внатрешна политичка клима, да имаат умерена реторика и да сторат се што можат за да спречат конфликти меѓу граѓаните.
Според него, Германија силно го поддржува приближувањето на земјата во ЕУ и жали за фактот што нерешеното прашање за името со години го загрозува прогресот на Македонија кон ЕУ. Ваквиот развој на настаните, според Габриел, придонесол за влошување на ситуацијата и затоа мора да има брзи чекори за решавање на ова прашање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа