Марш во Скопје: "Собранието никако не смее да изгласа двојазична Македонија"

Во Скопје вечерва се одржа четвртиот протестен марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ против промена на Уставот и двојазичност во државата. 

Граѓаните тргнаа од пред Владата, поминаа покрај Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија и го завршија маршот пред македонското Собрание. 

Од вечерашниот протест беа испратени четири барања. Од Европската унија се бара без одлагање да ја прифати одлуката на Арбитражната Бадентерова комисија од 1992. година со која е утврдено дека признавањето на државата под името Република Македонија не претставува никаква реална закана и е согласно меѓународното право и европските вредности. Исто така, се бара без одлагање да се почитува препораката од 2009 година на ЕУ за отпочнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ,  а од земјите-членки и генералниот секретар на НАТО да ја применат пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да упатат покана за членство на Македонија во Алијансата. Учесниците на протестот побараа од земјите-членки на ЕУ да го осудат мешањето на премиер од соседството во внатрешните работи на Македонија.

На собирот се обрати актерката Снежана Коневска - Руси која побара сите политички партии заедно со граѓаните да изготват платформа за заедничка Македонија.

- Бараме од партиите, а посебно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да не допуштат да се гласа во Собранието законот за двојазична Македонија, затоа што тоа ќе биде вовед во редифинирање на Република Македонија, истакна Руси.

Водителот Дарко Мијалковски рече дека сме уценети со пост-изборна платформа скроена по изборите со посредство на премиер од друга држава со цел разнебидување на Македонија. 

- Прифаќањето на барањата сите нас не води во една самоуништувачка мисија после која очигледно нема да не биде, ниту како народ, а ниту како држава, посочи Мијалковски.

Освен во Скопје вешерва протести со поддршка за граѓанската иницијатива се одржаа скоро во сите поголеми градови низ државата. 

 

 

 

02.03.2017 - 20:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега