Без попис законот за албански јазик виси во воздух

 

Познато е дека во меѓупартиските договори меѓу СДСМ и ДУИ за употребата на албанскиот јазик во РМ како втор службен јазик се тргнало од последните познати податоци за бројот и структурата на населението во земјава утврдени со пописот на населението од 2002 година. Тие се потребни за законот да има основа во амандманот пет на Уставот, во спротивно, законот е неуставен, пишува ДНЕВНИК.

Според тоа пребројување во вкупното тогашно население во земјава од 2.022.547 жители етничките Македонци учествуваа со 64,17 проценти, а етничките Албанци со 25,17 отсто. Врз основа на таква застапеност етничките Албанци добија и посебни права предвидени со Охридскиот рамковен договор врзано, покрај другото, за принципите на соодветна и правична застапеност, за Бадентеровиот принцип, за употребата на албанскиот јазик. Така, според петтиот амандман на Уставот на РМ е предвидено дека „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“. Во претпоследниот став од овој амандман се наведува дека „во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со законот. Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20 проценти од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 отсто од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа“.

Поврзано за оваа одредба и предвидениот процент од над 20 отсто на граѓани кои зборуваат јазик поинаков од македонскиот, се отвора прашањето дали тој може да се однесува токму на припадниците на албанската етничка заедница. Ова од причина што од последниот попис на население поминале цели 15 години, период во кој е можно да се случиле големи промени во внатрешната структура на населението во земјава. Државниот завод за статистика излегува со редовни годишни процени за бројот на населението во земјава, но тие сепак не се толку кредибилни како пописот. На крајот од 2015 година бројот на луѓето во земјава изнесувал 2.071.278, односно само педесетина илјади повеќе отколку пред деценија и пол.

Меѓутоа, за експертите по статистика таа бројка не е целосно кредибилна оти нема стандарди врз основа на кои сега може да се потврди оти процентот на Албанците и натаму е ист.

– Таа процена и бројка треба да се земе со резерва бидејќи не е правена во согласност на потребната методологија. Освен ова, таа бројка не содржи податоци каква е внатрешна етничка структура на населението. Значи, ние сега не знаеме колку на крајот на 2015 година во земјава имаме Македонци, колку Албанци и друго население. Не знаеме оти немаме целосни податоци за иселувањето, колку од тие луѓе престојуваат надвор подолго од една година… Само на тој начин можеме да дојдеме до реални бројки и проценти за тоа колку во земјава има Македонци, колку Албанци, колку други – вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.

Тој потенцира дека за последниве 15 години се можни значителни поместувањата во процентуалната застапеност на населението со оглед на големите миграции и иселувањето што се случувало до 2010 година, според податоците на Светската банка, но и подоцна.

– Земете само на пример, дека на избирачкиот список за странство има речиси 170.000 полнолетни гласачи. Реално е да се претпостави дека голем број се брачни двојки и дека имаат мали деца, тоа значи дека број на ова население е значително голем и може да изнесува 200, 300, 400.000 граѓани. Пописите не случајно се прават на секои десет години бидејќи откриваат поголеми промени во структурата на населението – укажува Герасимовски.

Најмногу иселувања од Западна Македонија

За тоа од кој дел од земјава имало најмногу иселување, Герасимовски објаснува дека најдобро е да се земат податоци за децата што се раѓаат во странство.

– Со години најголем број на овие деца кои по раѓањето во странство се пријавуваат во нашите општини е од подрачјето на Западна Македонија. Општина Струга е водечка во тој поглед. Од друга страна, сега во Kичево, вклучувајќи ги и поранешните општини Зајас, Осломеј, Вранештица и Другово се има негативен прираст на населението. Односно, повеќе се умира отколку што се раѓа – потенцира овој експерт по статистика.

Бранко Ѓоргевски за ДНЕВНИК

 

 

 

27.02.2017 - 10:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега