ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да прекине со погубното сценарио за урнисување на државата

 

На 11 декември победија граѓаните на Република Македонија заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Победи концептот на унитарна и мултикултурна Македонија. Време е СДСМ да се помири со поразот и да прекине со погубното сценарио за урнисување на нашата држава, се наведува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ. 

Од партијата потенцираат дека граѓаните на 11 декември не гласаа за официјализирање на албански јазик, двојазични банкноти, кантонизација или федерализација.

-Време е да сопре очајничкото однесување на Зоран Заев и СДСМ, кое оди против волјата на граѓаните. Целата јавност гледа дека Зоран Заев е подготвен да ја свитка кичмата за личниот интерес и болната желба за власт, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

СДСМ, според партијата, не го прави ова прв пат. -Во 2004 година го донесоа Законот за територијална поделба за да се дограбат до функцијата Претседател, а граѓаните на Република Македонија, особено на Струга и Кичево и ден денес ги трпат последиците. И тогаш како и сега преку бројните платеници се обидуваа да го изманипулираат народот, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

Зоран Заев и СДСМ и денес се подготвени за власт да ја прифатат и реализираат Платформата смислена во Тирана, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи ги уште еднаш да размислат и да се откажат од антидржавното сценарио додека не е предоцна.

- Веднаш ќе ја добијат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за формирање Влада, но условот за нашата поддршка е да се откажат од редефинирањето на државата, двојазичноста, кантонизацијата и федерализацијата, како и бинационалниот концепт на Република Македонија, повторуваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Потенцираат дека за нив државните и националните интереси, како и интересите на сите граѓани на Република Македонија секогаш им се пред се и над се.

 

 

 

27.02.2017 - 09:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега