Министерот Кралев во посета на Велес
Министерот за образование и наука Панче Кралев, денеска ги посети ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и СОУ „Кочо Рацин“ во општина Велес, кои се дел од проектот за реконструкција на 10 основни и 6 средни училишта во Република Македонија.
Целиот проект чини околу 5 милиони евра, од кои 70 проценти се обедбедени преку два Гранта од Банката за Развој при Советот на Европа, а останатите 30 проценти се средства обезбедени од буџетот на Република Македонија.
- Ова е почеток на еден од најзначајните проекти за целосна реконструкција на 10 основни и 6 средни училишта во сите општини. Очекувам до понеделник, најдоцна до вторник, да бидат објавени тендерите за реконконструкција на училиштата, со што би се искористил летниот распуст за да се завршат градежните работи, изјави министерот Кралев.
Тој информира дека со градоначалникот на Велес Славчо Чадиев разговарале за вклучување на општината за дополнување на реконструкцијата, со цел учениците од почетокот на учебната година да влезат во целосно реновирани училишта.
- Општината во соработка со Владата ќе работи на реконструкција на двете најстари училишта во Велес. Потоа ќе работиме на партерното уредување на училиштата, ќе ја освежиме околината и дворовите, ќе бидат поставени клупи и ќе се заменат светилките, рече Чадиев, градоначалник на општина Велес.
ФОТО:Влада