Владата ќе помага за остварувањето на функциите на семејството - се отвараат 11 регионални советувалишта за семејство и брак

На минатата седница Владата на Република Македонија одлучи да се спроведе процес на квалитативно надградување на социјалните служби со предвидување на воспоставување на посебни организациони форми - Регионални советувалишта за семејство и брак, чија цел е подобрување на условите и можностите за остварување на функциите на семејството, промоција на семејните вредности и обезбедување на можности за граѓаните за стручни и професионални совети во врска со надминување на определени предизвици во функционирањето на семејството, информираше денеска владиниот потпарот Александар Ѓеорѓиев.

Ќе бидат формирани 11 Регионални советувалишта за семејство и брак во Скопје, Велес, Куманово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, и Свети Николе. Секој од овие регионални центри би ги опфаќал и жителите на помалите населени места кои гравитираат кон нив.

 

 Ова активност се презема како резултат на анализи и компаративни искуства од поразвиените земји во оваа област, со определени адаптации виза ви спецификите во нашата земја. Регионалните советувалишта би покривале материја од целокупната област на семејни прилики, а ќе има и посебен фокус на можностите за обезбедување на опстанок на бракот во услови за социјален ризик, но нема да се ограничат само на тоа, туку ќе обезбедуваат совети за сите аспекти на семејниот живот, меѓу другото и за: предизвици на родителите во вршењето на родителското право, во смисла на задоволување на развојните потреби на децата преку јакнење на родителските капацитети и градење на вештини за одгледување и воспитување на  своите деца, поддршка  на семејствата кои веќе се наоѓаат во одреден социјален ризик, појава на предизвици и развојни проблеми кај децата, проблеми кај младите во прилагодувањето на социјалните и врсничките релации, надминување на конфликтни односи помеѓу  децата и родителите, воведување на системски пристап во јакнење на локалните ресурси, преку воспоставување на соработка и координација интрасекторска и  интерсекторска и тоа во: градинките, училиштата, социјалните дејности, здравствените институции итн.

 

Она што е значајно да се истакне е дека во Регионалните советувалишта ќе работат најстручните лица од центрите за социјална работа кои се со поголемо работно и стручно искуство на решавање на проблемите во бракот и семејството и кои се докажале со позитивни резултати во работењето, и дека работата во овие Регионални советувалишта би се одвивала во две смени, што обезбедува поголеми можности за нивно посетување во услови на потреба но и поголема дискреција на лицата кои ќе ги посетуваат. Услугата која ќе се добива во овие советувалишта би ја давале стручни лица од област на педагогијата, психологијата, правото и социјалните работи во зависност од предизвикот кој се решава, конкретниот  предмет и потребите на лицата кои побарале услуга, и услугата ќе биде бесплатна со што семејствата или лицата на кои им треба услугата не би биле изложени на трошоци како што тоа е случај во приватниот сектор во оваа област.

 

  Носител на целокупната активност е Министерството за труд и социјална политика, кое во периодот што следи преку Заводот за социјални дејности ќе изработи посебна програма за работа на регионалните советувалишта која ќе се базира на задржување на бракот, разбирањето за детето во контекст на неговото семејство и заедница, при што ќе бидат вклучени и надворешните влијанија врз семејниот систем, внатрешните конфликти и комплексната динамика помеѓу членовите на семејството, по што би се започнал и непосредниот процес за отворање на Регионалните советувалишта, што се очекува етапно да започне во месец септември.

 

- Цениме дека овој пристап и оваа реформа ќе донесе повеќе придобивки за општеството, се овозможува бесплатна и стручна и професионална поддршка на лицата на кои им се потребни услуги од област на надминување на предизвиците во контекст на семејството и бракот, со цел унапредување на промоцијата на семејните вредности, истакна владиниотпотпарол.

 

 

 

 

12:32