Честитка од Груевски по повод Денот на наставата на турскиот јазик

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по повод 21 декември - Денот на наставата на турскиот јазик упати честитка до сите припадници на турската заедница во Македонија.

- Негувањето на народниот јазик е наша долгогодишна традиција и наша долгорочна обврска за иднината. Македонија и Балканот од многу одамна биле место каде се сретнувале разни јазици, култури и народи. Мајчиниот јазик и националната мисла отсекогаш останале обележје и нераскинлив дел од идентитетот на секој од тие народи. Македонија знае да ги цени таквите обележја и наша трајна определба е да ги негуваме и прославуваме како еден од нашите основни општествени постулати. Ваквото одбележување првенствено го истакнува значењето кое како држава го полагаме во делот на образованието и личната надградба на поединецот, а од друга страна е совршен пример за почит кон јазиците, културата и традициите на заедниците во една држава, вели Груевски во честитката.

Годинашната прослава е, додава тој,  десетта и јубилејна прослава на Денот на наставата на турскиот јазик, а во чест на турската етничка заедница во Република Македонија.

- Десет години заеднички прославуваме и заеднички работиме за доброто на нашите граѓани. Зад нас стојат многу проекти од областа на економијата, бизнисот, здравството, образованието, културата, книжевноста, театарската уметност и многу други полиња од наш заеднички интерес, но и од интерес на двете држави, Република Македонија и пријателска Република Турција. Заеднички реализиравме многу, но не чека уште многу работа, за да овозможиме стабилен, континуиран и уште поголем напредок од интерес на сите граѓани во државата, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во честитката.

Пред десетина години, посочи Груевски, Парламентот во кој што мнозинството го имаше токму ВМРО-ДПМНЕ донесе законски измени со кои се овозможи прогласување на денот на настава на турски јазик за државен празник.

Се надевам, додава тој, дека како и досега, така и во иднина, со взаемна почит и заеднички напори ќе продолжиме да работиме за доброто на нашите граѓани, за стабилна, просперитетна и напредна Република Македонија.

 
 
21.12.2016 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега