Стапката на невработеност во Гевгелија една од најниските во земјава
Стапката на невработеност во општина Гевгелија, моментно изнесува само 4,59 отсто и е една од најниските во земјата, нагласи денеска раководителот на гевгелиската Агенција за вработување, Даница Гавриловска.
– На списокот на невработените се наоѓаат 582 лица од кои што 489 се од Гевгелија, 47 од Негорци, 30 од Миравци и 16 лица од Богородица. Истовремено бројот на вработени во општината изнесува 12.000 лица и тој континуирано ќе се зголемува со ангажирање лица и од други општини, нагласи Гавриловска.
Тој тренд, според Гавриловска, најдобро се потврдува со фактот што во гевгелиските конфекциски фабрики, на лозовите плантажи, преработувачките капацитети за зеленчук и овошје, како и во казината се почесто работно се ангажираат лица од соседните општини Богданци и Валандово, а во последно време дури и од општините Неготино и Кавадарци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа