Самарас оствари средба со Џон Кери - еве што си кажале

Грчкиот премиер Андонис Самарас вчера оствари средба со државниот секретар Џон Кери.

На подоцнежниот брифинг во Стејт депармтентот што се одржа непосредно по средбата портпаролката Џен Псаки рече дека поради краткиот временски период се уште нема дополнителни информации.

- Секретарот Кери и премиерот Самарас имаа продуктивна средба која ја истакна силината на американско грчкото партнерство. Секретарот призна дека Грција врши тешки, но неопходни реформи за повторно да ја добие довербата на пазарите за обврзници и да почне економски да расте. Секретарот ја истакна нашата солидарност со грчкиот народ додека ги вршат овие важни промени. Секретарот разговараше за нашата робустна одбранбена соработка со Грција и ја подвлече важноста да имаме силен НАТО сојузник во тој важен регион. Исто така разговараа за прашања од заеднички интерес, вклучително и состојбата во поширокиот регион, изјави Псаки.

По средбата во Стејт департментот почнува средбата на Самарас со американскиот претседател Барак Обама на која се очекува да присуствува и секретарот за финансии Чејк Лу.

И во текот на вчерашниот ден, преку грчките медиуми кои ја следат посетата на Самарас продолжија обидите да се остави впечаток дека прашањето за името нема да биде поставено на највисоко ниво во Белата куќа, туку на средбата која Самарас ја имаше во Стејт департемнтот.

Ова и покрај најавата на потпретседателот Џо Бајден во интервју за „Катимерини“ дека една од целите на посетата на Самарас на Вашингтон е да се разгледаат очекувањата од Грција за време на нивното претседавање со ЕУ во првата половина на 2014 година. Бајден во коментарите кои ги пренесува „Катимерини“ не ја спомнува Македонија по име. Сепак забелешката за грчкото претседавање со ЕУ се однесува на серија прашања како што е спорот за името и македонските евроатлантски интеграции, потоа напредокот на Албанија во интеграциите во однос на спорот кој го има со Грција околу пограничната морска економска зона, интеграциите на Србија и Косово, и секако турските преговори за членство во ЕУ, но и барањата на турските власти да бидат вклучени во евентуалниот договор за слободна трговија меѓу ЕУ и САД.

Во меѓувреме грчките медиуми потврдија дека посредникот во разговорите за спорот за името Метју Нимиц ќе присуствува на средбата на Самарас со генералниот секретар на ОН, Бан ки Мун, в петок доцна попладне во Њујорк.

Се очекува спорот за името, како и статусот на Кипар, два спора кои се водат пред ОН и каде Грција одбегнува интензивирање на разговорите да бидат клучни теми на оваа средба. 

најчитано сега