Груевски: СДСМ заслужува пораз од многу причини
Во своето обраќање на завршниот митинг вечерва во Прилеп, Никола Груевски се осврна на опонентот Зоран Заев и опозициската СДСМ и нивните активности за време на изборната кампања. Се дозна и докажа, рече Груевски, дека СДСМ ја украле нивната политичка платформа – програма и кампања и слоган од српската партија Двери.
- Ова е скандал сам по себе и само заради ова заслужуваат да изгубат на изборите, затоа што тоа е врв на потценување на сопствениот народ, украдена програма со додадени неколку небулозни ветувања за проекти кои никој никогаш не може да ги оствари, тоа е класично потценување на сопствениот народ, рече Груевски.
Го критикуваше и обидот, како што рече, „на мала врата да најави воведување двојазичност од градинките и училиштата и кантонизација на државата“
- Сам си кажува дека бил прагматичен ако требало и Уставот ќе го смени, па потоа сам во Швајцарија пред албанската дијаспора, која е позната по своите екстремни ставови, им кажува гордо дека тој е тој што ја отворил употребата на јазиците и дека Рамковниот не е доволен. Се сеќавате на неговата изјава дека е грдото лице на Македонецот ако не прифател двојазичност и вакви негови визионерски ставови, тоа го кажа тој, не јас…само заради ова, бездруго Заев заслужува огромен пораз на овие избори, рече Груевски.
Според него, единствениот дел кој не го презеле и кој е автентичен во програмата на СДСМ се повеќејазичноста од најрана возраст и политипни општини по примерот на швајцарските кантони со пренесени надлежности.
- Само ова е доволно да се гласа против нив. Да не говорам и за оние 1001 причина каде се гледа нивното однесување на дело со барање мито, со виткање кичми како добар пример, со бркање од работа од чистачка до министер, со обиди за поткуп на гласачи со дрва и други нерегуларности, за издавање под кирија сопствен стан сам на себе и обид за перење пари..., рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Спомна уште една причина зошто да не гласаат за нивниот опонент - поради „нивните насилни протести против полицијата на само три дена пред страшните настани во „Диво Насеље“ кои, како што рече, биле еден вид предвесник на случувањата и дел од пошироката политичка слика која некој сакал да ја создаде.
- Сетете се на комуникацијата на спроведувачите на ова сценарио кои си кажуваа онака спокојно дека ќе имало крв, обидите да не закрват до даска, да го поделат народот за да може некој друг да владее со него, а не самиот да одлучува за сопствената држава, рече Груевски.
Потенцира дека утре и задутре сите мора да бидат претпазливи и одговорни и да не потпаѓаат на провокации, а институциите да си ги вршат своите обврски.
На митингот во Прилеп се обратија кандидати за пратеници во ИЕ 4, како и претставници на партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“ - Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Михаил Цветков од Социјалистичката партија на Македонија. Претходно Коалицијата одржа митинг и во Крушево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа