Регионална комора Кавадарци: Неопходен е крај на политичката криза

 

Регионалната комора со седиште во Кавадарци при Стопанска комора на РМ одржа работни средби со двете најголеми политички партии во Република Македонија, на кои средби политичките партии ги презентираа своите програми во делот на бизнис економијата. Регионална комора Кавадарци и нејзиниот претседател Митко Јанчев порачуваат дека неопходен е крај на политичката криза која што во Република Македонија трае повеќе од две години, за што сметаат дека е еден од битните предуслови за реализирање на планираните активности и инвестиции на бизнис секторот во овој регион.

-Бизнис секторот е против било каква поделба во државата по било кој основ, без оглед дали е тоа етничка, верска или политичка припадност , кои можат да предизвикаат насилство, омраза и подвоеност помеѓу граѓаните, односно сме против било каква политичка игра против идентитетот, суверенитетот и унитарноста на Република Македонија, и сите се залагаме за единствена и мирна Македонија, вели претседателот на Регионалната комора Кавадарци, Митко Јанчев.

Регионалната комора Кавадарци е против воведувањето на двојазичност и други форми на повеќе јазичност на територијата на Република Македонија, од причина што во Република Македонија тоа прашање е апсолвирано во Уставот на РМ и Законот за употреба на јазиците.

Регионалната комора Кавадарци смета дека било какво воведување на федерализација и кантонизација , што во основа е со исто значење, и со тоа менување на унитарноста и давање на поинакви овластувања и ингеренции на локалната самоуправа во сите сфери на општественото живеење, а особено во сферата на стопанството ќе значи негов регрес и стопирање на прогресот кој е во тек.

-На 11 декември сите мора да докажеме дека сме зрела држава во која народот со масовно излегување на гласање ќе ја прокламира и безрезервно ќе ја искаже својата волја и со тоа ќе допринесе Република Македонија да зачекори по патот на економскиот прогрес и сестрана благосостојба, вели претседателот Јанчев.

 
 
09.12.2016 - 10:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега