Груевски: Ќе работиме за просперитет на Ромите во Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ вечерва одржа предизборен митинг во Шуто Оризари. Програмата ја претстави носителот на кандидатската листа во ИЕ 2 Никола Тодоров, а се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носителот на кандидатската листа во ИЕ 4, Никола Груевски.
- Сите ние заеднички сме граѓани на оваа држава и управуваме со оваа држава. Народот на избори ја добива шансата да го каже своето мислење и да го каже правецот во кој ќе се движи државата и да каже кој сака во наредниот период да ја предводи државата, рече Груевски на митингот.
Тој додаде дека заедно ќе се работи на решавање на проблемите, да се создадат подобри услови за живот, повисок стандард, повеќе вработувања, повисоки плати и пензии.
Посочи на проекти што се реализирани во Шуто Оризари и додаде дека работат на просперитет на Ромите во Македонија. Меѓу реализираните проекти ги напомена отвореното средно училиште, стипендиите за учениците Роми, изградбата на атмосферска канализација, проектот енергетска сиромаштија, отписот на долгови, зголемената социјална помош, здравствено осигурување за сите, како и отворањето нови работни места.
- Се направија многу работи. Се поместија многу работи откако дојде ВМРО-ДПМНЕ. Но она што најмногу ми е задоволство е што се зголеми бројот на вработени од 644 вработени во 2006, а денес има 1.740 вработени во општина Шуто Оризари, истакна Груевски и посочи дека има уште многу работа пред нив и дека ќе продолжи грижата за Ромите.
Се планира, како што рече Груевски, изградба на атмосферска канализација по главната улица, изградба на втор дел од фекална канализција, ќе се изгради отворен базен со олимписки димензии. Ќе ја довршиме спортска сала, а ќе се изгради и баскет игралиште, како и зграда со 51 стан за социјално ранливите категории на граѓани. Планирано е отворање на нова детска градинка со што ќе се зголемат капацитети, реконструкција на кровот во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“, изградба на нов современ дом на културата, како и темелна реконструкција на амбулантата, додаде Груевски.
На митингот порача дека може да се потпрат на нив и во добри времиња и во тешки времиња.
Пред присутните се обратија Никола Тодоров и кандидатот за пратеник Амди Бајрам.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа