Хил: САД донекаде загубија интерес за македонско-грчкиот спор со името

Првиот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил, во пресрет на посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас во Вашингтон, оценува дека САД загубиле дел од интересот за решавање на спорот за името.

- Мојот впечаток, и да подвлечам, ова е впечаток, а не нешто поткрепен со добро познавање на фактите, е, како што велите, дека САД направија еден чекор наназад и оценуваат дека условите не се тука за да се најде решение за спорот. Доколку сум во право во овој впечаток, мислам дека е важно Македонија повторно приватно да испрати сигнал до САД дека е подготвена да се обиде да се разреши ова. Да се покаже дека постои флексибилност. Сфаќам дека тоа е многу тешко, бидејќи зборуваме да се смени или да не се смени името, но Македонците мора да пренесат дека тие се разумните, вели Хил во телефонски разговор за МИА.

Хил вели дека лично не е ангажиран во прашањето околу името, но дека останува секогаш подготвен да помогне да се надмине овој спор меѓу Македонија и Грција.

- Мислам дека Македонија може да има приватни разговори со Грците, кои нема да се објавуваат во јавноста, додека јавните покани имаат мали шанси да бидат добро примени од другата страна. Овие работи мора да бидат екстремно добро подготвени приватно, вели тој.

Хил вели дека ги разбира, но не ги поддржува оценките дека кризата во ЕУ и во Грција го менува односот кон ова прашање. - Ако ги тргнеме настрана сите проблеми кои се случуваат во Европската Унија, и овие проблеми во јужните држави, вклучително и Грција, мислам дека сепак е во висок интерес на Македонија да влезе во ЕУ. Ја разбирам фрустрираноста и оценката кај дел од Македонците дека можеби работите се сменија. Јас не верувам дека работите се смениле по ова прашање и мислам дека се уште е многу во интерес на Македонија да се приклучи. Се надевам дека Македонија ќе успее и се што ќе можам да сторам ќе го сторам, вели Хил.

- Македонската Влада да прави се што може дипломатски, да биде активна, да ги убеди ЕУ, САД и другите фактори дека е разумниот и флексибилен субјект во спорот. Како во кошарката, во НБА, таму важи правилото дека ако веќе си мал тогаш мораш да бидеш брз. Македонија мора да биде многу активна дипломатски и да негува повеќе пријатели во ЕУ, вели Хил.

Навраќајќи се на Македонија, тој оценува дека земјата постигнала многу, но посакува да се намали нивото на политизирање на прашањата. - Како и многу земји, Македонија имаше подеми и падови. Одлуката да се однесува како НАТО членка, да биде активна во некои од мисиите на НАТО, беше добра одлука. Мислам дека некои од економските одлуки, во однос на фискалната политика, исто така поминаа добро. И факт е дека македонската Влада успева во овие области. Причина за загриженост во Македонија е тенденцијата се да стане политичко прашање. Мислам дека Македонија мора да се чува од тоа, од поларизација во политичките структури, вели Хил.

ФОТО: Нова Македонија

10:27

најчитано сега