Пекол во Македонија - јадете лесна храна, не излегувајте ако не морате и носете светла облека

 

Согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови, поради најавените високи температури, со цел заштита на здравјето на ранливите групи на населението, Министерството за здравство дава препораки за цела територија на државата. 

Се препорачува денеска и утре да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години, работодавачите да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работат на отворено со тоа што ќе се избегнуваат активности во периодот од 11 до 17 часот.
 
Според препораките, градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено од 11 до 17 часот, а единиците на локална самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи да имаат поактивен пристап и помош на постари, изнемоштени лица и бездомници.
   
Согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови за целата држава и натаму остануваат да важат општите препораки за намалување ризици врз здравјето од  дејството на топлотниот бран.

Во текот на ваквите екстремно топли денови се препорачува да се остане повеќе во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

Треба да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.

Се препорачува и да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна, големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, и избегнување алкохолни пијалоци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри, а хроничните болни лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
 
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, препораките се: задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата да се загрее на + 100 степени. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

ФОТО: Таратур

10:17

најчитано сега