Спасов: Предвидени се голем број проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните

 

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ се предвидени голем број проекти за подобрување на животот и на пензионерите, меѓутоа и на сите граѓани во нашата држава. Се предвидени проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните, а исто така и на квалитетот на живот на нашите сограѓани, изјави дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов, кој денеска ја посети општина Гевгелија. 

- Имав можност да остварам средба со пензионерите од оваа општина, исто така да посетиме уште неколку населени места со цел да ја презентираме Програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“, која што е досега најобемната и најдобрата програма на нашата партија, рече Спасов.

Еден од најдобрите и најбитни проекти, посочи, е проектот за изградба на 140 градинки. Нагласи дека тој мега проект планираат да го започнат веднаш по завршувањето на изборите, при што, како што рече, е планирано да се инвестираат околу 25 милиони евра во изградба на 140 детски градинки.

- Овие 140 детски градинки ќе бидат распределени во сите општини во нашата држава, при што ќе влијаат на значително зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст. Над 18.000 деца ќе може да се згрижат во овие нови детски градинки. Исто така, во овие нови објекти е планирано да се отворат и над 2.000 работни места. Сите општини ќе бидат опфатени, истакна Спасов.

Посочи дека во општина Гевгелија планираат изградба и отворање на две нови детски градинки во следните четири години. Со тоа, појасни, ќе се влијае на значително намалување на листите на чекање или пак, тие ќе се сведат на нула во сите општини во нашата држава.

- Овој проект исто така е и одлична поддршка за македонските семејства со оглед на фактот дека се поголем и поголем број на работни места се отвораат и истиот тренд ќе продолжи и во иднина. Се повеќе и повеќе семејства ќе имаат потреба од детски градинки каде што ќе можат да ги згрижат своите дечиња. Оттука, овој проект ќе одговори и на потребите на родителите и ќе овозможи дополнителен капацитет за згрижување на децата од предучилишна возраст, рече Спасов.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека пензионерите се нивен голем приоритет. Според него, подобрувањето на животниот стандард на пензионерите во Република Македонија е особено важно. Изминатите години, потенцира, тоа го докажавме со низа проекти коишто ги реализиравме.

- Просечната пензија се зголеми за 70 проценти, најниската пензија се зголеми за околу 90 проценти изминатите 10 години. Оттука, планирано е во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ да продолжи трендот на зголемување на пензиите. Планирано е зголемување на пензиите за 10,25 проценти. Исто така, планирано е да продолжат и најдобрите проекти коишто дадоа голем резултат изминатите години, како што е проектот „Бесплатна бањско-климатска рекреација“ при што е планирано да бидат опфатени околу 22.000 пензионери, проектот „Бесплатен туристички викенд“ со којшто планираме да бидат опфатени околу 12.000 пензионери, рече Спасов.

Нагласи дека имаат и нови проекти коишто значат и нови придобивки за пензионерите, при што е планирано Фондот на пензиско и инвалидско осигурување да склучи договор со повеќе македонски компании коишто ќе овозможат плаќање на производите коишто ќе ги продаваат на рати со административна забрана на пензијата на пензионерите без камати.

Информира дека договори ќе се склучат со маркети и голем број македонски компании преку Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, за да им се овозможи на пензионерите денови за попуст на производите коишто ги продаваат тие ланци маркети.

- Што значи, уште неколку поволности за пензионерите, намалување на нивните трошоци, подобрување на нивниот живот. Исто така, ќе продолжи и проектот за бесплатен превоз во железничкиот сообраќај, бесплатен превоз во градскиот сообраќај за корисниците на пензии. Оттука, продолжуваме со континуирано преземање мерки што ќе значат подобрување на животот на пензионерите во нашата држава, додаде Спасов

 
 
28.11.2016 - 16:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега