Иванов изврши нови формациски поставувања во АРМ

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, со указ изврши нови поставувања на старешини на формациски места предвидени за генералски чин, како и на командни должности во здружената оперативна команда (ЗОК) и во првата механизирана пешадиска бригада, соопшти неговиот кабинет.

Исто така, претседателот на Република Македонија со указ назначи висок воен претставник на Република Македонија во командата на НАТО во Брисел, Кралство Белгија и воен претставник во Анкара, Република Турција.

Досегашниот командант на ЗОК, генерал мајор Васко Ѓурчиновски е назначен за висок воен претставник на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел. На местото командант на ЗОК е поставен бригаден генерал Зоран Милески кој досега ја извршуваше должноста командант на првата механизирана пешадиска бригада.

За нов командант на првата механизирана пешадиска бригада е поставен бригаден генерал Мирче Ѓоргоски кој е актуелен аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили.

Со указ на претседателот Иванов, во чин бригаден генерал e унапреден полковникот Орце Јордев, командант на полкот за специјални операции. Бригадниот генерал Орце Јордев во текот на воената кариера извршува бројни командантски и штабни должности во полкот за специјални операции (пСО), меѓу кои и командант на баталјонот за специјални намени, а должноста командант на пСО ја извршува од 2015 година.

Полковникот Жарко Ристевски, пак, е назначен за воен претставник на Република Македонија во Анкара, Република Турција, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

 
 
28.11.2016 - 14:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега