Груевски го честита големиот муслимански празник Рамазан-Бајрам

 

Премиерот Никола Груевски по повод големиот муслимански празник Рамазан-Бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи.

- Чест ми е, Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Бајрамските празнувања, и воопшто големите религиозни празници и народни обичаи поврзани со нив, од секогаш биле можност за почитување и зближување на луѓето од различните религии во Македонија, наведува Груевски во честитката.

Изминатите времиња, искуствата и нашите постари, додава, секогаш не учеле и советувале, кога празнуваме да празнуваме заедно, покрај себе да ги имаме нашите роднини и пријатели со кои споделуваме исти верски убедувања, но и нашите соседи и сограѓани од другите религии, и на тој начин на дело да го потврдиме соживотот и пријателството. Таквиот однос може да ни донесе само добри нешта и да го помогне развојот на државата во која заеднички живееме.

Премиерот изрзува уверување дека и во иднина ќе продолжи унапредувањето на меѓусебната почит и соработката помеѓу граѓаните, верниците  и религиските заедници од Република Македонија, со цел демократски да го зајакнеме нашето општество и да се поттикне подобар живот на секој наш граѓанин.

- Заеднички да продолжиме со нашите залагања за овозможување услови за економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, и со работа на модернизација и реформи во секоја општествена сфера, со цел изградба на напредна Република Македонија. Испраќајќи Ви искрени честитки за празникот, Ви пожелувам среќни бајрамски празнувања исполнети со многу мир, добри мисли и добри дела во секое од Вашите семејства, се вели во честитката од премиерот Груевски по повод Рамазан-Бајрам. 

најчитано сега