Полковник Орце Поповски е нов декан на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“

 

Денеска на свечена седница на Наставно-научниот совет на Воената академија, полковник Орце Поповски во присуство на министерот за одбрана Талат Џафери ја презеде функцијата декан на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.

Министерот Џафери истакнал дека Министерството за одбрана е подготвено да даде целосна поддршка за наставно-научниот кадар во Академијата за да ги реализира сите обврски кои произлегуваат од Законот за воена академија. 

Новиот декан Поповски пак вети дека ќе настојува Воената академија да се етаблира како високообразовна и научно-истражувачка установа со регионален карактер.

Според Џафери, суштинско е тоа што за разлика од поставеноста на Воената академија пред 2009 година, питомците сега се здобиваат покрај дипломата за армиски офицери и со цивилна, со што им се овозможува да се определат и за други професии. 

- Во Законот за воена академија е предвидена и можноста за создавање кадри за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Досега тие две институции ја немаат искористено таа можност за специфичните нивни кадри да ги школуваат во Воената академија, изјави по примопредавањето на функцијата министерот Џафери и ги повика овие институции да ја искористат дадената можност и да пријават кандидати за нивните потреби, за школување во цивилниот систем на Воената академија.

Деканот Поповски заблагодарувајќи им се на сите кои помогнаа во 2009 година Воената академија да се рестартира, истакна дека академија со несмален интензитет продолжува да ги извршува основните функции и стратешки зацртани цели, пред се подигањето на квалитетот на образовниот процес.

- Имам повеќе приоритети, кои се произлезени од анализите и самоевалуациите правени во Воената академија во изминатите години. Пред се, мора да се подигне квалитетот и на наставно-научните кадри, но и на наставно-образовните програми, како и да се зајакне меѓународната соработка, особено во делот на летниот кампус во кој учествуваат многу држави со свои студенти и питомци, рече деканот Поповски.

ФОТО: МИА

најчитано сега