СИТЕЛ: Mакедонија не прифаќа никакви мерки со кои ќе се ограничува слободата на движење во Eвропа

Македонија не прифаќа никакви мерки со кои ќе се ограничува слободата на движење во Европа, откако земјава ги исполни сите услови за безвизен режим и откако стана главна капија со која се запре мигрантскиот бран долж балканската рута.

Иако Европската комисија ги намали и цената и процедурите во рамките на воведувањето на системот ЕТИАС за државјаните на трети земји, македонското министерство за надворешни работи смета дека не може да се прави урамниловка на земјите кандидати за членство со останатите.

,,Иницијативата за воспоставување на Европски систем за информирање и авторизација на патувањата (ЕТИАС) може ќе биде корисна за Европската унија, но под неа, не треба да бидат опфатени земјите од Балканот, за кои самата ЕУ дала ветување дека ќе бидат земји-членки на Унијата. Тоа важи и за Македонија. Министрите за надворешни работи од балканските држави (Србија, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово) заеднички побараа нашите граѓани да бидат изземени од овој систем кој опфаќа земји кои имаат безвизен режим со Унијата но никогаш нема да станат нејзини членки’’, велат официјално од МНР.

Според министерството, Унијата упатува сосема погрешна порака до земјите кандидати, спротивно на нејзините фундаментални постулати за обединување, слобода на движење и почитување на основните човекови права.

,,На оваа тема разговаравме и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и со шефот за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и дадовме до знаење дека ова не е техничко прашање, туку прашање со тежина на порака до регионот колку всушност Брисел е сериозен за интеграција на овие земји во ЕУ’’, се вели во реакцијата.

 
 
18.11.2016 - 17:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега