Владата се грижи за пензионерите: Пензиите највисоки во регионот

Македонските пензионери се задоволни. Ноемвриската пензија што ќе биде исплатена во првата недела од декември ќе биде зголемена за 5 проценти. Владата ја продолжува грижата за луѓето од третата доба, примањата им се редовни, трансферите навреме се реализираат, пишува Лидер.

На над 300 илјади пензионери идниот месец ќе им легнат повеќе пари на сметките, ќе добијат плус 670 денари.

-Многу бенефити добија пензионерите во овој период, го збогативме стандардот на пензионерите. Со последното зголемување на пензиите од 5 проценти, просечната пензија во Македонија изнесува 13 илјади 745 денари. Тоа се 223 евра, тоа го нема во ниту една земја од нашето окружување, вели претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери, Драги Аргировски.

Владата презема чекори за заштита на стандардот на пензионерите. Статистиката покажува дека во време на ВМРО-ДПМНЕ просечната пензија е зголемена за 70 проценти, а минималната за речиси 90 проценти.

-Со зголемувањето на пензиите за пет проценти што ќе се реализира во првата недела од декември, просечната пензија во Република Македонија ќе изнесува околу 13.750 денари. За споредба, во 2006 година просечната пензија во нашата држава изнесуваше околу 7.680 денари, објаснува дополнителниот заменик – министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

-Како Влада водиме сметка за стандардот на граѓаните, особено на пензионерите. И во наредниот период во владината програма предвидуваме мерки кои ќе го унапредат животниот стандард на пензионерите, но и низа поволности што ќе обезбедат подолг век на оваа популација, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

-Зголемувањето на пензиите од пет проценти, иако минимално, е поттик за стандардот на пензионерите, оценува претседателот на Здружението на пензионери од Прилеп, Кирил Ѓорѓиески.

-Зголемувањето на пензиите е линеарно кај сите пензионери, а најголемо ќе биде кај оние со пензија помала од 9 илјади денари, каде зголемувањето ќе изнесува 8 проценти, објаснува Миноски.

Што покажуваат бројките?

Последните, октомвриски податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека во земјава има 304 илјади 417 корисници на пензија. Од нив, 302 илјади 537 се стекнале со пензија по работно право, 1.506 луѓе земаат воена пензија, а 374 се корисници на пензија по земјоделско право.

Во октомври, пред ноемвриското зголемување, просечната пензија во Македонија изнесувала 13 илјади 89 денари. Највисока е воената пензија, најниска земјоделската. 

 

Македонија со највисоки пензии во регионот

Пензионерите од Македонија со последното покачување ќе земаат по нешто повеќе од 220 евра, што споредено со регионот е солидна сума. За споредба, просечната пензија во Србија се движи околу 190 евра, во Албанија околу 150, во Бугарија околу 140, во Косово нешто над 130 евра.

Дополнително, за македонските пензионери се воведоа низа поволности, како бесплатен туристички викенд (досега го искористиле повеќе од 37 илјади пензионери), бесплатен автобуски и железнички превоз, бесплатна бањско – климатска рекреација.

-Пензионерите имаат можност да користат бесплатен туристички – викенд во еден од четирите предвидени туристички центри: Охрид, Отешево, Дојран и Берово. Викендот е врз база на тридневен престој, односно две ноќевања со полни пансиони и организиран превоз од местото на живеење на пензионерот до туристичкиот центар и во обратна насока, објаснува владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Мерката за бесплатна бањско – климатска рекреација досега ја искористиле 37 илјади пензионери.

-Сепак, најважно за нас е што државата овозможи сите пензионери кои земаат пензија под 12 илјади и 600 денари да можат да добијат бесплатно болничко лекување. Знаеме дека најголемите трошоци кои ги имаат пензионерите се токму за болничко лекување и за купување лекови, вели Драги Аргировски. 

Како се полни и празни касата на Фондот?

Стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 18 проценти. Лани вкупните приходи на Фондот изнесувале 57.254,51 милион денари.

Од нив, 32.236,20 милиони се изворни приходи, додека од Буџетот се префрлени 23.860,89 милиони денари (41,68% од вкупните приходи). Остатокот претставуваат приходи од акцизи, од дивиденда или продажба на акции и удели, други приходи.

-Единствениот долгорочен извор на приходи со кои ќе можат да се покријат расходите на пензискиот систем е стабилен и повисок економски раст, вели универзитетскиот професор Владимир Филиповски.

Лани, вкупните расходи на Фондот изнесувале 56.789,36 милиони денари. 80,25% од нив биле за исплата на пензии, 10,49% се исплатени за придонесот за здравствено осигурување. 4.719,99 милиони денари им се префрлени на приватните пензиски фондови.

 

 
 
17.11.2016 - 08:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега