Нова автобуска станица и три катни гаражи ќе се градат во Охрид

Охридската локална самоуправа најави реализација на повеќе значајни инфраструктурни проекти од интерес на градот, како што е нова автобуска станица и повеќе катни гаражи низ градот.

Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска пред медиумите појасни дека изградбата на автобуската станица била условена од обезбедувањето на протебната документација.

– Деновиве е издадено правосилно одобрение за градба на автобуски терминал со компатибилни класи на намени. Со издавањето на овој документ се исполнуваат сите потребни услови за отпочнување со изградба. Согласно одредбите од договорот и  одобрението за градба рокот за изградба на Автобуската станица е четири години, за кој период Охрид конечно ќе добие современа автобуска станица, достојна за еден туристички центар, информираше тој.

Тој најави дека во тек е обезбедувањето и документација за изградба на три катни гаражи, што би се граделе зад хотелот „Ривиера“, кај Спортскиот центар „Билјанини извори“ и кај градскиот пазар.

Што се однесува на реализираните проекти, Бакрачески информира дека досега се инвестирани 179 милиони денари во разни инфраструктурни проекти кои опфаќаат реконструкција, санација и одржување на улици со вкупна површина од 130.860 метри квадратни и  дополнително уште пет кружни токови.  Изградени се нови  линии  за атмосферска и фекална канализација во должина од 12.570 метри во вредност од над 89 милиони  денари,  а поставени се водоводни линии во должина од осум километри, во вредност од 25 милиони денари.

 
 
09.11.2016 - 16:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега