Илија Димовски - Заев: Зоран Заев ќе ја изгуби поддршката

Деновиве читам како Зоран Заев ја повторува својата теза дека доколку СДСМ победи на избори, а тој стане премиер, нивниот мандат немало да трае долго зашто поради сериозните реформи, граѓаните немало да ги поддржат повторно на избори. Го читам овој дел од неговото интервју и имам сериозни проблеми да го разберам. Не знам дали ова е став само на господинот Заев или е поминато низ сите филтри (а ги има многу во СДСМ), но е доволно провокативно за сериозна анализа. Да барате поддршка од граѓаните, а да им најавите дека тоа што ќе го правите нема да им се допадне е сериозна тема, па макар изречена и од политичар кој често знае да ги згреши своите изразни форми. Заев е лидер на опозицијата и без разлика дали нам ни се допаѓа или не, должни сме да ги имаме предвид сите негови ставови. Но и да дебатираме за нив.

Да изречете ваква теза значи дека треба да бидете спремни на многу прашања на кои ќе мора да дадете прецизни одговори. Ако одите на избори и велите дека нема да добиете втор мандат поради реформите и одлуките што ќе ги спроведете, а по претпоставка сте одговорен спрема јавноста и јасно сте ги напишале во вашата програма сите одлуки и мерки што планирате да ги спроведете во првиот мандат, зошто мислите дека некој за вас би гласал и еднаш и првиот пат? Мислите ли дека првиот пат гласачите свесно би донеле некоја одлука на своја штета? Мислите ли дека на граѓаните ќе им треба време да ги разберат штетните последици од вашите одлуки, па првиот пат ќе се прелажат да ве поддржат? Мислите ли дека граѓаните не знаат што е добро, а што е лошо за нив, било да е тоа на краток или на долг рок? Мислите ли дека граѓаните не знаат да дадат влог за иднината на својата држава? 

На овие прашања има повеќе можни одговори, но ниту еден не му е во полза на Заев, затоа впрочем и побудува интерес оваа негова теза. Прва опција е дека имате на ум некои мерки и одлуки што не ги кажувате јавно, а сте во план да ги донесете или спроведете поради кои ви е сосема јасно дека ќе ја изгубите поддршката. Ова тактика како практика е доста добро позната за СДСМ и тоа во периодите на сите нивни владеења. За да не звучам нападно во смисла на оптоварување со стари теми, не би потсетувал на одлуките на СДСМ во деведесеттите, но последниот пат, до 2006 година, кога тие беа на власт (а Заев беше пратеник што гласал во Собранието за политиките на СДСМ), спроведоа најмалку две катастрофални одлуки, кои претходно не ги најавија. Првата одлука е Законот за територијалната организација на единиците на локалната самоуправа (познат како Закон за територијалната поделба) и втората е одлуката за зголемување на неколку даноци и даночни стапки. По таа логика Заев ја остава отворена вратата за сомнежи дали кога не дава прецизни одговори на јасни политички и економски прашања или кога греши со неговите изразни форми, всушност не сака да ни соопшти на с` што СДСМ е спремен да го спроведе како одлука, знаејќи дека така однапред нема да ја добие поддршката ниту првиот пат. Па, еве, да набројам неколку куси прашања на кои СДСМ одбива да даде одговор или дава измешани пораки: До каде се спремни да попуштат или да свиткаат ’рбет во однос на спорот со Грција? Дали имаат намера да зголемуваат даноци? Што за нив би било прифатливо од т.н. пакет-етнички прашања на партиите од албанскиот политички кампус? Дали имаат намера да продолжат со сериозната поддршка што државата им ја дава на градежниот и на земјоделскиот сектор? Дали имаат намера да ги затворат факултетите и дисперзираните студии во внатрешноста (за што многу нивни членови веќе дискутираа)? Дали ќе бркаат од чистачка, па нагоре во сите јавни и државни служби, како што самиот Заев се закануваше? Без одговор на овие прашања, тешко ќе им стои работата.

Втора можна варијанта е дека ги кажувате сите планирани одлуки, но се надевате дека барем првиот пат ќе добиете поддршка поради тоа што граѓаните нема да разберат доволно какви последици ќе има за нив, поради кои, нели, вториот пат нема да ве гласаат. Таквата варијанта повеќе зборува за стилот на политичарот отколку за способноста на гласачите. Тоа говори дека политичарот смета на слабиот или лош капацитет на граѓаните да проценат на долг рок што е добро, а што е лошо. Но тоа не е така. Граѓаните секогаш ја даваат вистинската одлука. Тоа е правило, кое ако политичарот не го научи на почетокот, подоцна скапо ќе го плати. Повторно да не звучам претенциозно, нема да споменувам и да набројувам реформи од последните седум години во Македонија, но ќе потсетам дека најголемите и најболни реформи во Велика Британија, што ги спроведе токму Маргарет Тачер, а таа победуваше трипати на парламентарни избори исто како и Хелмут Kол, кој без разлика на фактот дека ја реформира Германија со стотици болни чекори и одлуки, четири пати ја добиваше поддршката на гласачите. Ако спроведувате реформи за доброто на граѓаните, тие секогаш ќе знаат да го препознаат тоа и ќе ве поддржат, но ако под плаштот на реформи терате политики, кои се на нивна штета, треба да знаете и дека ќе ве казнат. Затоа ниту оваа варијанта не е добра за имиџот на новиот претседател на СДСМ.

Трета опција, која можеби ја има во глава лидерот на СДСМ, е дека граѓаните не секогаш ги носат најдобрите одлуки што е сериозно во корелација со официјалниот став на СДСМ, кој последниве години никако не сака да прифати дека граѓаните не им даваат поддршка ниту ним ниту на нивните политики. Ова би говорело дека и Заев го надвладеала тезата создадена во стариот комуникациски центар на СДСМ дека граѓаните грешат и дека не знаат кои одлуки се добри за нив и дека се само маса што лесно се манипулира. Но и ова не е чудно и не може да се исклучи, посебно знаејќи ги самобендисаноста и ароганцијата во одредени кругови во врвот на СДСМ. Некои од тие луѓе с` уште мислат дека само тие и никој друг во оваа држава имаат право да владеат и да носат одлуки. С` уште има луѓе високо во хиерархијата на таа партија, кои себеси се правдаат со лажната теза дека граѓаните грешат, а така ја отфрлаат својата одговорност кон другите. Ако Заев се понел по овој пат, тогаш нема далеку да стигне, а ако не треба јасно да прифати дека изборните порази на СДСМ се последица најмногу на нивните грешни политики. Се надевам дека тоа ќе го направи, но искрено се сомневам во неговиот капацитет за толку крупни чекори.

Четвртата опција е с` да кажувате и целосно да ја прифаќате моќта на гласачите да проценат што е добро, а што не за нив, да нудите мерки што нема да им се допаднат, но сепак да се надевате на победа. Тоа најмалку значи дека се надевате на поддршка од граѓаните врз база не на она што вие го нудите, туку врз база на револт и отпор кон оние што се на власт, односно се надевате на гласање против другите, а не за вас. Што ова би говорело за Заев е јасно и лесно видливо. Тоа значи дека Заев е свесен за слабостите и за немањето квалитет во СДСМ за да биде партија, која сама ќе успее да се наметне за да победи, па се надева на некој отпор (како на неговиот претходник) кон оваа власт. Но тоа во исто време и говори дека СДСМ с` уште не е спремна да понуди алтернативни решенија и политики за сите области во Македонија и с` уште ниту самата не е спремна да прифати одговорност да раководи со државата. А ако тоа го мисли и нејзиниот претседател, тогаш е сосема јасно како ќе се развива политичката иднина на таа партија. Тоа ќе е слично како и досега.

Дали е грешка во изразна форма, дали е свесна и пресметана реченица со порака до некој внатре во СДСМ или свесно некој му аминувал грешка на Заев, јас не можам да знам, значајно е Заев сам да знае. А ако знае, еден ден можеби и ќе ни појасни. 

Илија ДИМОВСКИ за Дневник