Русија ги обновува ракетните бункери на Крим од советско време

Русија ги обновува сите ракетни бункери на полуостровот Крим, изградени во времето на Советскиот Сојуз, што досега беа напуштени, пишуваат лондонските медиуми.

Станува збор за објекти сместени по околните ридови на јужниот кримски брег, создадени во времето на Студената војна, за одбрана од поморски напад од бродови, стационирани во Црно Море.

Откако во март 2014 година, Русија ја презеде контролата врз Крим, од Украина, во тој дел од полуостровот биле поставени знаци со кои се забранува движењето по приодните патишта, а јужниот брег и околината сега се под контрола на руското Министерство за одбрана.

Според медиумите во Лондон, Русија сака целосно да ги обнови и да ги реактивира сите локации за воени потреби од советско време, во кои спаѓаат и бункерите и да изврши „милитаризација на Крим„.

Официјална Москва и не крие дека гради свои воени капацитети на полуостровот, кој по распадот на СССР остана дел од украинската територија.

Западни воени експерти тврдат дека НАТО и Романија и Бугарија, се загрижени од, како што велат, забрзаната милитаризација на регионот на Црно Море.

Крим сега е територија што ја има под контрола Русија, која е најблиску до членката на Алијансата, Романија, на чија територија од оваа година почна да се поставува дел од американскиот систем за ракетна заштита.

Предвидено е тој да се вклучи во функција во текот на 2018 година, а САД уверуваат дека тој е поставен како „одбрана од ирански ракетен напад„.

Русија, меѓутоа, тврди дека поставувањето на ракетниот систем во Романија, како и зголеменото присуство на НАТО на нејзините граници, е закана за руската безбедност.

Москва веќе најави контра мерки и започна со изградбата на мрежа од радарски станици за контрола и надгледување на Црно Море и на некзините најблиски соседи во регионот- Турција, Романија и Бугарија сите членки на НАТО.

Руската армија се враќа во сите воени капацитети на полуостровот Крим, што ги остави по распадот на Советскиот Сојуз, а кои украинската војска изминатите 2,5 децении, не ги користеше.

Британските медиуми признаваат дека долж западната руска граница, се стационирани над четири илјади војници на Алијансата. Официјалното објаснување на НАТО е дека тие се таму како заштита на источноевропските земји-членки од руската закана. 

 
 
02.11.2016 - 16:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега