Утврден идентитетот на девојката која загина во несреќата кај Охрид

Како што веќе објавивме, во несреќа која се случи вчера околу 19 часот, во близина на црквата „Света Петка“ пред влезот во Борун, загинаа две лица а три се повредени.

Според најновите информации, животот го загубил Дарко А. (29) од Прилеп, кој управувал патничко моторно возило „Пежо 206“ со прилепски регистарски таблички, судирајќи се со џип „ГМЦ“ со американски национални ознаки управувано од Н.М. (56) од Кичево. На пат кон болницата „Св.Еразмо“ на повредите им подлегнала и неговата сопатничка, 25 годишната Билјана Ј. од Тетово.

Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобиле М.Ц. (30) од Тетово сопатничка во возилото „Пежо 206“ и Н.М. (56) од Кичево кој го управувал џипот „ГМЦ“. Тие се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ каде се задржани на понатамошно лекување.

Сударот се случил во момент кога патничкото моторно возило „Пежо 206“ што се движело од Охрид кон Кичево, од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента од каде во правец кон Охрид се движел џипот.   

На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на дежурен истражен судија и заменик јавен обвинител од Основниот суд во Охрид, овластен судски вештак како и полициски екипи од СВР Охрид.

За време на увидот што траеше до 22 часот, сообраќајот на магистралниот пат беше во целосен прекин. Двете возила со влечна служба се подигнати од местото на незгодата и врз нив ќе биде извршено дополнително вештачење. Од возачот на џипот е обезбедена крв за понатамошна анализа, а по наредба на истражен судија денеска ќе биде извршена обдукција на телата на загинатите, се со цел утврдување на причините за несреќата.

најчитано сега