Последниот Македонец ќе умре во 2466 година

 

Доколку продолжи сегашниот тренд на намалување на бројот на Македонците, последниот етнички Македонец на територијата на сегашна Република Македонија ќе умре 453 години, односно во 2466 година, пишува весникот Дневник. Како што „Дневник“ неодамна објави, бројот на етничките Македонци во земјава минатата година се намалувал за по осум Македонци секој ден. Лани, во Македонија имало 2.838 Македонци помалку, како последица на разликата помеѓу 11.985 родени бебиња и 14.823 умрени лица. 

-Наједноставната пресметка покажува дека ако ваквиот тренд продолжи, исчезнувањето на етничките Македонци во земјава ќе биде неминовност. Пресметката е направена врз процентуалните соодноси на населението во земјава забележени на пописот во 2002 година. Тргнувајќи од податокот на Државниот завод за статистика и со кој на крајот од минатата година во земјава имало 2.062.294 жители, излегува дека од нив 1.323.580 се Македонци, врз основа на застапеноста од 64,18 проценти од пописот пред 11 години. Второто најмногубројно население се Албанци, а кои врз основа на процентот од 25,17 треба да ги има 519.079. Пресметката е правена под условот тогашните проценти да се задржани и сега, што е тешко за верување, пишува Дневник.

Статистичарите, пренесува Дневник, пред последниот попис кој не беше реализиран, прогнозирале дека драстични поместувања во соодносите не може да се очекуваат најмногу поради големите миграции и кај македонската и кај албанската етничка заедница. Според наједноставна пресметка, намалувањето од осум Македонци дневно ќе донесе нивно исчезнување во 2466 година.

50 отсто или 42 општини во Македонија имаат негативен природен прираст во 2012 година - Kарпош, Kисела Вода, Берово, Битола, Гевгелија, Делчево, Демир Kапија, Демир Хисар, Kавадарци, Kочани, Kратово, Kрива Паланка, Kрушево, Охрид, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Ресен, Свети Николе итн, пренесува Дневник.

Статистиката, пак, покажува дека бројот на етничките Албанци се зголемува за 13 дневно. Но, статистичарите сметаат дека ваквиот тренд ќе запре во иднина.

- За околу две децении може да се очекува изедначувањето на стапката на наталитетот во земјава. Лани, во земјава имавме прираст на населението од 3.424 лица, а за половина од оваа бројка се заслужни четири општини: Сарај, Чаир, Тетово и Студеничаним вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски за Дневник.

-Угледниот весник „Економист“ во своето истражување базирано врз податоците на Популациониот фонд на Обединети нации излезе со процена дека последната жена во Македонија ќе умре во 3104 година. За Босна и Херцеговина, на пример, прогнозата е дека тоа ќе се случи во 2770 година, а за Србија прогнозата е дека тоа ќе се случи во 2225 година. Нашиот северен сосед во последната деценија загубил повеќе од 260.000 жители, првенствено како резултат на стареењето на населението што предизвикало поголем број погреби отколку раѓања. Во 1950 година во Македонија, на пример, се родиле 50.000, во 1980 година - 40.000, во 2011 - 22.000 бебиња, пишува Дневник.

Прочитајте повеќе на Дневник

најчитано сега