Канческа-Милевска: Обвинувањата на СЈО се дел од политичка кампања

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска попладнево оцени дека денешната прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство е дел од однапред планирано сценарио во функција на политичка кампања со цел да се оцрни работењето на Министерството за култура.

Таа на прес-конференција во Музејот на македонската револуционерна борба, истакна дека не е виновна за обвинувањата што ги презентира СЈО и оти се е работено според закон.

Канческа-Милевска рече дека од СЈО очекувале професионално и објективно работење во функција на вистината, а не, како што наведе, во функција на изборите и за оцрнување на вработените во Министерството за култура. 

- Сите изнесени обвинување се неточни и енергично и ги отфрлам во целост.  Тврдам дека тезите на Фетаи се „рекла-казала“, со кои СЈО сака да стави дамка на моето работење и на Министерството за култура. Целиот проект е воден согласно законите. Сите проекти и сите постапки се работени според законите. Проектите се чисти како солза. Спроведувани се согласно законите во нашата држава. Секој може да дојде да ги погледне документите и да се увери во нивната законитост,  рече Канческа Милевска.

Таа вели дека договорот со градежната фирма се однесува на градежни и градежно-занаетчиски работи, набавка која не се однесува за изградба на Музејот на ВМРО, туку за партерно уредување околу Музејот. Презентира и документи, за кои тврди дека покажуваат оти се било согласно законските прописи.

СЈО претходно денеска на прес-конференција соопшти дека отворило истрага за уште два случаја „Топлик“ и „Тендери“.

Случајот „Тендер“, како што информира обвинителката Фатиме Фетаи, се однесува на изведување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје. Првоосомничена, како што соопшти СЈО, е раководно лице во Министерството за култура, а други осомничени се тројца членови на комисија за јавни набавки во ова Министерство. Тие се сомничат дека фаворизирале градежна фирма да добие тендер од околу милион евра.

 
 
20.10.2016 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега