Началникот на Генералштабот на АРМ на НАТО конференција

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски денеска и утре во Букурешт, Романија, учествува на конференција на НАТО за стратегиско партнерство SMPC 2016.

Како што се наведува во соопштението на Генералштабот на АРМ, во фокусот на дводневната активност организирана од Сојузничката команда за трансформација на НАТО, началниците на генералштабови на армиите од земјите-членки на НАТО, Партнерство за мир, Истанбулската иницијатива, Медитеранскиот дијалог и останатите глобални партнери ќе разгледуваат долгорочни прашања поврзани со трансформацијата на военото партнерство.
 
На експертскиот дел од конференцијата, денеска биле разгледани повеќе прашања за актуелната безбедносна состојба, стратегијата за натамошно дејствување, можностите и идните планови поврзани со трансформација на соработката помеѓу партнерските армии и НАТО, како и идентификување на армиските области на заедничко дејствување.
 
На втората сесија од конференцијата утре во формат на началници на генералштабови, како што е најавено, во фокус ќе бидат партнерството како столб на успех и стабилност во современиот свет, автономни системи и специјални операции, безбедносни актуелности во периодот по одржувањето на Варшавскиот самит и натамошни можности за планирање на партнерските активности.

Генералот Величковски, во својот дел од обраќањата, ќе го нагласи континуираниот придонес кој го даваат Македонија и АРМ при справувањето со глобалните безбедносни предизвици, како и севкупните напори кои ги вложува АРМ кон интеграцијата во евроатлантската структура на НАТО.

За време на конференцијата генералот Величковски ќе оствари повеќе средби со највисоки воени раководители во НАТО и со началници на ГШ од земјите кои учествуваат на активноста, на кои ќе бидат разменети корисни информации и искуства.

Почнувајќи од 2005 година на оваа годишна конференција на Сојузничката команда за трансформација на НАТО, се разгледуваат специфични воени прашања од меѓусебен заеднички интерес на сојузничките и партнерски армии од аспект на насочување на тековните процеси на воена соработка, имплементација на плановите со синхронизација помеѓу НАТО и партнерските земји. 

 
 
20.10.2016 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега