Заев - Хан: Избори на 11 декември, сите да ја испочитуваат обврската

 - Сите политички партии и институции, вклучувајќи го и Собранието на Република Македонија, да ја испочитуваат обврската за слободни, фер и регуларни избори на 11 декември, се согласиле на денешната средба претседателот на СДСМ Зоран Заев и комесарот за проширување на Европската унија Јоханес Хан, соопшти СДСМ по средбата. 

Во разговорите за актуелната политичка состојба во Македонија, се вели во соопштението, е нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување функционирање на правдата, како и за важните реформски процеси за демократизација на Македонија.

- Претставниците на СДСМ во техничката Влада се фокусирани кон заштита на граѓаните и институциите од злоупотреби и на одржување регуларни избори на 11 декември на коишто ќе биде избрана легитимна Влада. Истовремено, Социјалдемократскиот сојуз активно разговара на терен со граѓаните за мерките што ќе ги преземе новата Влада за подобрување на животот на граѓаните и отворање на перспективите на државата, рекол на средбата лидерот на СДСМ.

На средбата со Хан, Заев ја реафирмирал поддршката на СДСМ за законите побарани од Специјалното јавно обвинителство. Укажал дека СДСМ со одлука на Конгресот, се обврзал на планови со конкретни рокови за, како што стои во соопштението, кревање на животниот стандард на граѓаните и за реализација на препораките во Извештајот на Прибе, што ќе овозможат независни институции и правна држава“.

Еврокомесарот Хан, пак, порачал дека Европската унија продолжува одблиску да ги следи состојбите во Република Македонија.   

На средбата присуствувале потпретседателката и генералниот секретар на СДСМ Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, како и шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбога

 
 
14.10.2016 - 15:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега