Потпишан договор од областа на даночните прашања со Аргентина

Договор за размена на информации за даночни прашања помеѓу Република Македонија и Аргентинската Република, со кој се овозможува меѓусебна билатерална поддршка која е релевантна за администрирање и спроведување на домашните закони во врска со даноците потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Главната даночна управа  Рикардо Ешегереј, вчера во Буенос Аирес.  

- Преку потпишување на овој договор и фактите што ги споменав за Македонија ќе го зголемат вашето внимание за соработка со земјата и ние сме тука да им помогнеме на сите оние кои сакаат да соработуваат на полето на бизнисот со Македонија. Денеска е првиот чекор во зајакнување на соработката на полето на даноци и царина, а следниот чекор би требало да биде договор за размена на информации во областа на царината, изјави вицепремиерот Ставрески.

Директорот Ешегереј даде позитивна оценка за нашите даночни политики и пракси, истакнувајќи ја нивната едноставност, кредибилност и ефективност, како и сегментот на поддршка на економскиот развој кој се овозможува преку нивното континуирано намалување.

Договорот нуди правна основа за понатамошен прогрес во договорното уредување на теми од областа на фискалните политики меѓу двете земји.

 Беше изразена политичка волја и договорено во идниот период да се динамизира постапувањето во насока на идното потпишување на Договорот за размена на информации за царински прашања, за што ќе следува процес на утврдување на текстот на договорот на институционално ниво.