СИТЕЛ: ОЈО потврди незаконско работење на МИТ од повеќе аспекти

 

Една година е подготвувана акцијата на инспекциите од образование и УЈП по барање на обвинителството за МИТ Универзитетот.

Цела година пред вчерашниот упад, државните институции собирале докази за незаконскотоо работење. По барање на јавното обвинителство, вчера полицијата влегла во просториите на универзитетот каде што се собирале докази за криминал.

Универзитетот се сомничи дека незаконски запишувал студенти на непостоечки факултети и водел двојна евиденција за студенти од Турција. – Јавното обвинителство соопшти дека до Државниот просветен инспекторат биле поднесени 20-тина претставки од студенти на Универзитетот од Турција.

Реакции имало и од Амбасадата на Турција во Скопје, во врска со студирањето на одделни факултети за кои Универзитетот нема добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование. Во претресите извршени со МВР, од просториите на Универзитетот и приватни објекти на лица вработени во него одземени се компјутери, компјутерски податоци и друга документација.

Првичните сознанија на Обвинителството упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултети за дентална медицина, козметологија и физиотерапија.

Со проверка е утврдено дека МИТ не поседува дозвола за работа за Факултет за дентална медицина, додека за Факултет за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација.

За студентите кои биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција – покрај онаа за коресподенција со студентите, друга за отчет пред државните институции.

Јавното обвинителство има сомненија дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал.

Сител денес се обиде да земе изјава во врска со настаните на универзитетот МИТ но бевме грубо избркани од страна на генералниот секретар.

Сопственичката на универзитетот Биљана Апостолова вели дека ова е политички организирана хајка против Универзитетот.

Во неколку наврати Сител објавуваше стории за незаконското работење на МИТ, почнувајќи од минатата година до сега.

Објавивме дека студент платил школарина за непостоечки факултет, дека низа факултети немаат ни акредитација ни дозвола за работа. Побаравме да реагира одборот за акдредитација, но одборот ја префрли својата одговорност кон безбедносните институции кои вчера и денес ја истражуваат работата на универзитетот.

 
 
06.10.2016 - 19:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега