Не запира поддршката за домашните компании и во услови на криза

Не запира поддршката за домашните компании. И покрај резервираноста поради политичката криза, македонскиот приватен сектор покажува дека е отпорен. Државата на компаниите им става на располагање поволни кредити, даноците се ниски и поволни за стопанствениците, се зголемува износот за капитални инвестиции што го раздвижува градежништвото и другите стопански гранки поврзани со него, преку активните мерки се стимулира проширување на дејноста и отворање нови работни места, финансиски се стимулира иновативноста, пишува Лидер.

Веќе се отворени огласите за кредитирање за самовработување, како и кредитирање на компании со цел отворање нови работни места со камата од само 1%.

-Овие мерки помагаат во отворањето нови работни места, за намалување на невработеноста, за отворање нови компании, ќе се раздвижи македонската економија. На постојните компании им се дава можност да искористат поволен кредит за средства кои ќе помогнат за отворање нови работни места и проширување на дејноста, вели дополнителниот заменик – министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Министерот за финансии Миноски оценува дека е креиран ефективен систем за развој на приватниот сектор, фирмите се стимулираат да отвораат нови работни места што влијае врз стапката на невработеност.

Пари за иновативност

До крајот на месецов ќе се знаат компаниите кои ќе ги добијат парите од Фондот за иновации. Микро, мали и средни претпријатија, како и спин-оф компании ќе распределат меѓу себе 450 илјади евра од третиот повик.

-Во моментов, Фондот за иновации има 33 корисници, дел од нив веќе ги завршуваат проектите и навистина сме горди на продуктите кои излегоа од грантовите шеми. Досега се доделени 1,3 милиони евра, а до крајот на октомври очекуваме да имаме нови корисници. Третиот повик изнесува 450 илјади евра за 15 старт-ап претпријатија, вели директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска.

„Македонија вработува“ го раздвижи пазарот на труд

Државата продолжува со поддршката на домашниот приватен сектор, преку проектот „Македонија вработува 2“ се стимулираат компаниите да го прошират бизнисот и да отворат нови работни места.

-Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност, објаснува универзитетскиот професор, Јован Пејковски.

Ако преку проектот „Македонија вработува 1“ се вработија речиси 19 илјади луѓе (18.923 за една година), „Македонија вработува 2“ веќе почна да дава резултати. Досега се отворени над 1.500 работни места во над 1.100 компании.

-Заштедата на компаниите со новите вработувања е голема и изнесува 1.500 евра за едно лице. Со оваа мерка се намалува невработеноста, вели Спасов.

-Се надевам дека до крајот на оваа мерка што трае до 27 јули 2017 година ќе се вклучат и поголемите компании, бидејќи придобивките се навистина големи, тоа подразбира ослободување од придонеси за период од три до пет години што дава стимул за компаниите за развој и за вработување многу луѓе, вели првиот човек на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Невработеноста ќе продолжи да се намалува!

Политиките за отворање нови работни места даваат резултат – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Активно се работи на привлекување нови странски инвестиции, а преку владините мерки се стимулираат домашните фирми да го прошират бизнисот и да отворат нови работни места. Последните податоци на Статистика покажуваат дека стапката на невработеност е падната на историски најниско ниво од 24 проценти во вториот квартал од годинава.

Невработеноста ќе продолжи да се намалува и в година – рече министерот за финансии, Кирил Миноски, во своето експозе на Буџетот за 2017 година.

-Во вториот квартал годинава, стапката на невработеност се намали на историски најниски 24%. Во однос на истиот квартал лани, бројот на вработени се зголеми за 21.100 лица, со што вкупниот број на вработени во земјава достигна 720.674 лица, што претставува историски највисоко ниво на вработеност. Најголем дел од отворените работни места се генерирани преку проектот „Македонија вработува“ и од компаниите во слободните зони. Овие бројки покажуваат дека со комбинирање на мерките за унапредување на економското окружување, поттикнувањето на инвестициите и активните мерки на пазарот на труд, можно е намалување на стапката на невработеност. Позитивните движење на пазарот на труд се предвидува да продолжат и во 2017 година, при што растот на вработеноста се очекува да изнесува 1,8% или околу 11 илјади нови работни места. Овие проекции се базираат на предвиденото зголемување на бројот на вработените во компаниите од слободните економски зони и активните мерки и програми за вработување на Владата, но и како резултат на јавно финансираните инфраструктурни проекти. Просечната бруто – плата во земјава се очекува да забележи номинален раст од 1,8%,  вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Проекциите на Владата се невработеноста да падне на 22% до 2018 година, што со оваа динамика се чини сосема реална прогноза. За разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ, највисоките стапки на невработеност во земјава се регистрирани во мандатот на СДСМ. Стапките на невработеност во 2003, 2004 и 2005 година изнесуваа 36,7%, 37,2% и 37,3%. Во 2005 година, стапката на вработеност изнесувала само 37,9%.

-Ако главниот проблем е невработеноста и ако за овој период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се отвориле нови 160.000 работни места, односно 160.000 граѓани се вработиле, тоа значи дека ние сме ја погодиле целта и сме го вложиле нашиот труд и нашиот фокус на вистинското место. И тоа има свои резултати што мене ме прави задоволен, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 
 
05.10.2016 - 08:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега