Прекината седницата за пратенички прашања во Собранието

 

Собраниската седница посветена на пратенички прашања денеска на самиот почеток е прекината по барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски кој побара еден час пауза.

Тој во процедуралната забелешка рече дека од денеска оваа седница може да се нарекува седница за мобинг и оти претставниците на власта имаат право да не одговараат на прашањата на пратениците и да ја напуштат седницата. Ова сознание, како што рече Димовски, го обелоденил еден специјален човек со специјална мисија. 

- Од денес благодарение на новите сознанија кои ги добивме во текот на минатата недела, оваа седница која ние и сите членови на Парламентот во изминатите 25 години ја нарекувавме седница за пратенички прашање, од денес ќе ја викаме седница за мобинг на Парламентот врз Владата бидејќи дознавме дека јавните седници на кои вршителите на јавни функции имаат должност да одговараат пред јавноста, се вика мобинг. Од денеска веројатно би се сметало за нормално доколку премиерот, министрите и замениците министри наместо да одговараат на прашањата, соопштат дека немаат намера да одговараат и да не обвинуваат за мобинг по што би било сосема легитимно, во светло на овој демократски новитет на светско ниво, демонстративно да ја напуштат седницата, рече Димовски.

По барањето на Димовски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, рече дека ќе даде еден час пауза бидејќи тоа е согласно деловникот за работа, но, како што истакна, секој си одговара за своите постапки. Ги замоли пратениците да бидат коректни и да продолжат со редовниот тек на работа.

Седницата треба да продолжи во 12:45 часот

 
 
29.09.2016 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа