Расправата по Извештајот на СЈО продолжува во понеделник

Расправата по извештајот на Специјалното јавно обвинителство во Комисијата за политички систем  ќе продолжи во понеделник во 11 часот, бидејќи специјалната јавна обвинителка Катица Јанева претходно посочи дека поради приватни обврски не може да присуствува на седница во сабота и недела. 

И покрај тоа што имаше предлози од опозицијата да работи Комисијата и за време на викендот, од претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев и пратениците од мнозинството повикувајќи се на членови од Деловникот, беше посочено дека не може да се разгледува извештајот без присуство на претставник на инститиуцијата која го поднесува извештајот за работа.

Рената Тренеска-Дескоска од СДСМ се повика на член 121 и рече дека може да се разгледува извештајот без присуство на Јанева и според неа целта на одложувањето на работата е да не дојде на дневен ред Извештајот на Јавното обвинителство на Република Македонија.

- Како пратеници од опозицијата сакаме овој извештај да дојде на пленарсна седница, после треба да дојде извештајот на ЈО на РМ. Како опозицијата сакаме двата извештаи да бидат на разгледување на оваа комисија и да го фатиме рокот за расправа на пленарна седница, рече Тренеска Дескоска.

За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак предлогот на СДСМ за одржување на седница без присуство на Јанева е операција „бегство“ за да не даде таа одговор на прашањата.

- Вчера поставивме 45 прашања, а добивме одговор на 11. СЈО  е одговорно пред Собрнаието и не може да се разгледува извештај без нивно присуство.  Ќе продолжиме во понеделник со присуство на Јанева, која претходно со допис извести дека до 30 октомври стои на располагање. Секогаш кога Јанева има работа во суд и обврски нема да има седница и никако нема да дозволиме да биде спречена во вршење на нејзината основна работа. Но нејзина основна работа е и одговорност пред Собранието, посочи Димовски.

Со став дека треба да се работи за време на викендот беше и Роза Топузова Каревска

- Имаме два сериозни извештаи. Да работиме постојано како што сме работеле и претходно. Да ја завршиме расправата во интерес на правдата и граѓаните, рече Топузова Каревска.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во рапсравата потенцира дека таа работи во интерес на законот и оти нејзина приоритетна задача е да открие кој прислушувал во Македонија. Апелираше до Основниот суд Скопје 1 да го закаже предметот „Пуч“ во понеделник, каде обвинет е Зоран Заев, каде, како што рече, е против него, но да дојде и нејзиниот сведок Никола Груевски.

Додаде да почне предметот и кога ќе заврши ќе дојде и ако треба цел месец ќе седи во Собрание и ќе го даде и финансискиот извештај. 

Таа најави дека ќе се поднесе иницијатива во Кривичниот законик да се додаде и ново кривично дело „Попречување на правдата, поради сите опструкции што се прават кон СЈО.

- Многу е тешко да се прибираат докази за настаи кои се случиле пред пет години. Треба време додека се обезбедат. Имаме опструкции во текот на периодот за кој е достапен извештајот, рече Јанева и посочи дека во предметот „Тврдина“ не им се доставуваат докази од Петтата управа, во „Транспортер“ никој не предјавува имотно правно барање иако е изготвено вештачење, во предметот за неовластено прислушување не се појавиле на распит две лица вработени во Петтата управа иако ги примиле поканите на домашна адреса и слично.

Во Комсијата по Извештајот за работата на СЈО се расправа трет ден.

 
 
23.09.2016 - 20:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа