Се зголемува соработката: Домашните компании со ќар од странците инвеститори

Се зголемува соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори. Од година на година расте и бројот на компании што имаат бизнис со странците и вредноста на набавките, пишува Лидер.

Според проценките на надлежните институции околу 500 македонски фирми активно работат со компаниите од слободните економски зони. Годишно инкасираат и до 50 милиони евра. Ова, пак, создава нови работни места во домашниот приватен сектор.

„Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Македонските компании се вклучени во добавувачкиот синџир на странските инвеститори, ангажирани се за изградба на производствените хали и погони, за сервисирање на машините и на опремата, за изработка на делови за нив, но има и голем број фирми што се вклучени за најразлични услуги, како обезбедување, осигурување, кетеринг, логистика, транспорт.

Со ова, ефектите од странските директни инвестиции се повеќекратни, а во исто време, ќар имаат и странците, бидејќи им се намалуваат и трошоците и времето за достава.

-Потребно е да се зголеми квалитетот на услугите и на производите кои што домашните компании ги пласираат и треба да ги пласираат за потребите на странските компании.  На тој начин индиректно ќе влијаеме за зголемување на бројот на вработени, на зголемувањето на извозот на репроматеријали и услуги кон Европа и на зголемување на додадената вредност, објаснува потпретседателката на Советот на странски инвеститори, Ирена Јакимовска.

Македонските бизнисмени подготвени за предизвикот

Домашните компании велат дека се подготвени за предизвикот да одговорат на потребите и на барањата на странските инвеститори. Повеќе македонски фирми веќе покажаа дека можат да прераснат и во крупни играчи. Партнерството со „Џонсон Мети“ на неколку домашни компании им овозможи да станат добавувачи за Британците на глобално ниво.

-Кога македонските фирми ќе станат дел од синџирот на добавувачи на глобалните компании, тие ќе добијат пристап и до глобалниот пазар преку постоечкиот синџир на добавувачи на мултинационалните компании, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Соработката со странските инвеститори во дел од домашните фирми го подигна квалитетот на производството, воведени се нови технологии, знаења и способности, подобрен е квалитетот на човечките ресурси.

-Најактуелно е да ги вмрежиме со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити“ – вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

Само во слободните економски зони во моментов оперираат 23 компании со над 6 илјади вработени, но во претстојниот период бројот на вработени ќе се зголемува, а веќе е најавен влез и на нови странски инвестиции.

-Компаниите кои веќе се инвеститори ни помагаат да ги привлечеме или „нападнеме“ оние кои сакаат да инвестираат. Во моментов преговараме со повеќе компании, поголем дел се од автомобилската индустрија, вели Мизо.

Треба да се има предвид дека крупни странски инвеститори како „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“ или „Маркард“ работат надвор од ТИРЗ, што значи дека постојат повеќе можности за соработка.

Влезот на нови странски инвестиции значи и повеќе работа за домашните компании.

-Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава, смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

„Ван Хул“ и „Актива“ – пример за успешно партнерство

Домашната „Актива“ е пример за ефектите од странските инвестиции. Компанијата активно соработува со „Ван Хул“ и прави делови за автобусите. Потребите на Белгијците ќе се задоволуваат со нова фабрика.  Вториот капацитет е вреден 6 милиони евра и ќе донесе уште 120 нови работни места.

-Сега нашиот капацитет е од 9 до 10 илјади квадратни метри со околу 140 вработени. Ние произведуваме за нивните потреби, за 400 до 500 автобуси. За следната година ние мораме за двојно да го зголемиме нашиот капацитет за да одговориме на нивните барања, вели директорот на „Актива“, Иле Николов.

За уште повеќе да се продлабочи соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори, од Здружението на млади аналитичари и истражувачи предлагаат компаниите надвор од зоните да добијат субвенции за производство на суровини кои им се потребни на странските инвеститори од зоните.

Груевски:  ќе растат платите на работниците

Концептот на слободните економски зони доживеа бум во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Ако порано имаше празни ливади, сега се отворени фабрики кои значително придонесоа за намалување на невработеноста до 24%, историски најниска стапка досега.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во претстојниот период може да се очекува да се продлабочи соработката меѓу домашните и странските компании, да се отворат нови работни места, но и да се зголемат платите.

-Влегоа крупни глобални компании чиј пазар е целата планета, кои имаат огромен капитал и искуство. Уште поважно е што новите странски инвестиции почнаа да работат со домашните компании, а домашните инвеститори сè повеќе стануваат свесни за новите можности за соработка со фабриките на големите конгломерати. Индиректно, ваквите отворања на нови работни места постепено ќе доведуваат до притисок на пазарот на работна сила во правец на зголемување на платите на работниците. Ова ќе се случи затоа што колку помалку има невработени, толку повеќе ќе расте цената на трудот. Ова ќе значи подигнување на заработувачката и на животниот стандард на населението, вели Груевски.

 

 
 
16.09.2016 - 11:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега