Каракамишева: Заев, Република Македонија не е твој пашалак

 

По секое интервју, по секоја дадена изјава, јавно кажан збор од Заев, човек останува со подотворена уста, со неверување за чуеното, со безброј прашања дали е и ова можно. Заев дефинитивно заслужи да има своја графа во рубриката верувале или не, а благодарение на него и неговите изјави веројатно и Република Македонија заслужи да добие посебна графа. Што сė трпи, што сė слуша и чува оваа наша македонска политичка сцена, што сė ни се мота и, најстрашно, кој сė е лидер во високата политика. На човека мрак да му падне пред очи, да му се заврти во умот од отворените чакри на некои лидери, на човека да му се пробуричка во стомакот од секоја чуена глупост во етерот. Често пати не постојат зборови што можат да го опишат чувството на шок од слушнатото, и чувството на несигурност што следно ќе биде кажано. Имаат ли граница небулозите и глупостите кажани на јавна сцена, има ли крај ова лудило. Бидејќи, како поинаку да се опишат ставовите и ветувањата што јавно се соопштуваат од страна на Заев, а со кои се тера класичен мајтап со Устав, со закони, со држава.

Што ли уште треба да чуеме од Заев за навистина да се загрижиме кој ја предводи опозицијата, и која е следната планирана банкина каде според црпнатите правила на лидеров треба да се удри државата за да го доживее последниот, смртоносен удар.

После оние изјави на Заев дека ќе јаде живи луѓе кога СДСМ ќе дојде на власт и дека ќе направи целосна партиска чистка во администрацијата, од чистачка до министер, после препорачаната од Заев гимнастика со виткање на кичмата на граѓаните за промена на името на државата, а со тоа следствено и на нацијата, после правењето селфи со терористите во „Диво насеље“ на само неколку часа од погинувањето на осумте македонски синови полицајци на кои фотографии Заев е со насмевка ала Брижит Бардо, после соучесништвото со балистите во негирањето на Република Македонија како држава на сметка на величењето на знамето и иконографијата на Голема Албанија и командантот Џемо Хасан на фудбалската арена „Филип Втори“ во Скопје, како и после многу други настани што ја чинат низата на „бисерите на Заев“, вчера од него стигна нов бисер. Стигна предизборно ветување дека ако СДСМ дојде на власт, Заев ќе воведе употреба на албанскиот јазик како службен јазик на територија на целата држава. Ветување што секој студент на Правен факултет од прва година знае дека е противуставно, противзаконски, надвор од сите постојни правни правила во системот.

Заев вчера уште еднаш докажа дека за него Устав не постои. За него не постојат официјални правила прифатени од институциите на системот. Заев уште еднаш го погази Собранието на РМ кое пред петнаесет години ги донесе уставните амандмани што произлегоа од Охридскиот рамковен договор. Заев повторно излезе надвор од официјалните правила на системот, и како да зборува за свој пашалак, се дрзна да вети нови правила за службената употреба на албанскиот јазик. Како вистински паша, со невидена леснотија, но во препознатлива за Заев панична гестикулација, си го кажа ветувањето и остана жив. Свесен што сė му излезе од устата од занесот што го понесе, Заев продолжи да се дозакопува. По бисерот со јазикот, тој ја прошири приказната и за тоа во каква држава сме сакале да живееме, со што целата македонска јавност го виде новиот предлог-план на Заев и неговите другарчиња за Република Македонија како целосно рекомпонирана држава.

Замаен од занесот на филмот што очигледно бурно се одигрува во неговата глава, Заев заборави дека за да му се остварат филмскиве сцени треба прво да добие согласност од граѓаните. Мнозинството македонски граѓани треба да му кажат „да“ на „пашава“.         

А со оглед дека на „паша“ Заев веќе одамна му е добро познат изборниот резултат што на 11 декември ќе му го испорача македонскиот дел од електоратот, тој почнува во паника и без компас да тргува со чувствата на Албанците. Ама и Албанците не се вчерашни, но и не се наивни како што мисли Заев. И тие знаат дека кога паниката за личен спас и за спас на сопствената политичка кариера зборува од некого, треба да му се тури пепел на кажаното.  

 

Македонија видела многу беглербеговци. Сите ги издржала, и сите топтан ги испратила во историјата. Така ќе биде и со беглербег Заев...   

 
 
15.09.2016 - 18:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа