Невработеноста на најниско ниво: Разрешница на кризата за позитивни економски резултати

Македонската економија и во вториот квартал испорача економски раст, а стапката на невработеност продолжи да се намалува до историски најниското ниво од 24%, пишува Лидер.

Македонската економија и во вториот квартал испорача економски раст, а стапката на невработеност продолжи да се намалува до историски најниското ниво од 24%.

Иако податоците за растот на БДП од 2,1% во првото полугодие се под проекциите и на Владата и на НБРМ (Владата со ребалансот прогнозира 2,6%, а Народна банка има две сценарија со 3,5% и 1,6%), сепак, сè поизвесните избори во декември треба да донесат појасна политичка слика и да ја намалат поларизираноста меѓу политичките блокови.

-Компаниите очекуваат да се постигне целосна функционалност на институциите за да продолжат со отпочнатите процеси. Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции, објаснува претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Стопанството веќе подолг период бара разрешница на политичката криза. Ако се има предвид дека во вториот квартал има пад кај јавната и кај приватната потрошувачка, тогаш е јасно дека на земјава и треба брз излез од политичкиот вител за да се стави крај на воздржаноста на граѓаните и на фирмите од носење на потрошувачките и на инвестициските одлуки.

-Политичката криза зема свој удел во намалувањето на инвестициите. Треба да се знае дека сите политички игри имаат негативни последици врз стопанството кои ќе ги чувствуваме и во текот на следните години, вели Арсовска.

Растот ќе се движи меѓу двете проекции на НБРМ

Народна банка во последниот извештај со макроекономските показатели ја нотираше главната кочница за испорачување повисок економски раст.

-Домашните неекономски фактори поврзани со политичките случувања во земјата кои кулминираа во вториот квартал, и понатаму ја зголемуваат неизвесноста околу остварувањата и оцените за економската активност, пишува во Извештајот на Банката.

-Стапката на економски раст веројатно ќе се движи меѓу мајската проекција од 3,5 проценти и песимистичката од 1,6 отсто. Но, се уште е рано да се каже и многу зависи од целосното стабилизирање на политичката состојба во земјата, вели гувернерот Димитар Богов. 

Невработеноста се намалува и во време на криза!

Македонската економија се покажа жилава во овој период на политичка криза и зголемена резервираност во носењето на инвестициските одлуки.

Како резултат на владините политики за привлекување нови странски инвестиции и поддршката за домашниот приватен сектор се намали стапката на невработеност со ниво од 24%.

олитиките за вработување и за привлекување на странски инвестиции се двата доминантни фактора кои условија намалување на стапката на невработеност во земјата. Проектот „Македонија вработува“ обезбеди поголем дел вработени да бидат од младата популација до 29 години, онаа најранливата, најосетливата, којашто потешко наоѓа работа. Од друга страна, странските директни инвестиции со нивниот влез, отворањето нови погони креираат нови работни места, а ја менуваат и образовната структура на населението во Македонија, на работната сила, објаснува универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Владата очекува да продолжат позитивните трендови и намалувањето на стапката на невработеност, а охрабрува и зголемувањето на стапката на вработеност.

-Очигледно е дека напорите на Владата на Република Македонија и нз целокупниот економски тим во изминатиот временски период даваат резултати, а тоа го покажува ниската стапка на невработеност, односно историски најниската стапка на невработеност. Меѓутоа, она што радува е и највисоката стапка на вработеност што покажува дека сите напори за привлекување странски инвестиции и напорите да се стимулираат инвестициите на домашниот сектор вродуваат со плод, што во крајна линија значи пониска невработеност, вели министерот за финансии, Кирил Миноски. 

Мизо најавува нови странски инвестиции

До крајот на годинава во слободните економски зони треба да има повеќе од 7 илјади вработени. Првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо, најавува нови инвестиции.

-Компаниите кои веќе се инвеститори ни помагаат да ги привлечеме или „нападнеме“ оние кои сакаат да инвестираат. Во моментот преговараме со повеќе компании, поголем број се дел од автомобилската индустрија, вели Мизо.

Македонија во последниот извештај на ИМБ е прворангирана во светот во однос на новоотворени работни места од странски инвестиции по глава жител. Податоците покажуваат дека од 2007 досега во земјава е влезен странски капитал во износ од 2,4 милијарди евра.

Во слободните економски зони се отвораат нови фабрики, се креираат нови работни места, а извозот од ТИРЗ се зголемува во континуитет. Веќе на средината од август надмина милијарда евра, за 20% повеќе во однос на истиот период лани.

-Освен „Џонсон Мети“, најголема контрибуција во извозот има направено „Џонсон Контролс“ во Штип, „Ван Хул“ кој драстично го има зголемено производството, „Текнохозе“ за двојно го има зголемено производството. Би ги споменал и компаниите кои од скоро почнаа со работа, како „Гентерм“, „КСС“, тие до крајот на годината ќе имаат дополнителна контрибуција. Очекувам дека годинава извозот од зоните ќе биде за 20% поголем од лани, вели Мизо.

Најавите за проширување на капацитетите на инвеститорите и зголеменото производство наскоро се очекува да донесат извоз од зоните во вредност од над 2 милијарди евра.

Најавите за зголемено производство, за нови работни места, како и константната позитива што ја испорачува градежништвото (31% во вториот квартал) укажува дека годинава, и покрај политичката криза ќе имаме економски раст и дополнително намалување на стапката на невработеност.

 
 
14.09.2016 - 08:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега