Началникот на ГШ на АРМ во посета на Вооружените сили на Чешка

Делегацијата на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од началникот на Генералштабот генерал потполковник Методија Величковски, од денеска престојува во тридневна работна посета на Вооружените сили (ВС) на Република Чешка.

За време на престојот, како што соопштија денеска од ГШ на АРМ, генералот Величковски покрај работниот состанок со началникот на ГШ на ВС на Република Чешка генерал Јозеф Бечвар ќе се сретне и со чешкиот заменик министер за одбрана на Република Чешка Јакуб Ландовски.

- Делегацијата ќе оствари и работни посети на воената воздухопловна база во Прага и хеликоптерската база „Бискаскаја“, а ќе оддаде почит и на незнајниот војник во чешкиот национален меморијален центар „Витков Рид“. На предвидените средби темите на разговор ќе бидат поврзани со интензивирање на воената соработка во воените области од меѓусебен интерес, како што се размена на искуства од учество на хеликоптерски единици во мисиите на Обединетите нации, можностите за воено техничка соработка во наменската индустрија, изведување на заедничка обука и школувања на воен персонал, се вели во соопштението од ГШ на АРМ.

Претходно, за време на посетата на АРМ во месец мај оваа година, генералот Бечвар имаше можност да се запознае со искуствата на АРМ стекнати во справување со миграциската криза.

Делегацијата на АРМ за време на официјалните средби ќе биде придружувана од  амбасадорот на Република Македонија во Република Чешка, Паскал Стојчевски.

Работната посета која се реализира на покана од генералот Бечвар е резултат на досегашната многу добра соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и ВС на Република Чешка, на повеќе полиња од областа на одбраната.

Тековната посета на делегацијата од АРМ на ВС на Република Чешка, која е членка на вишеградската група и НАТО, е особено значајна во зајакнување на поддршката од страна на оваа партнерска земја за евроатланските аспирации на Република Mакедонија.

 
 
13.09.2016 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега