Гоце Симоновски дивеел во канцеларијата на секретарот - еве зошто е уапсен екс раководителот на ЛЕР

 

Полицијата поднесе кривична пријава против 49 годишниот Гоце Симоновски, екс раководителот на Секторот за локален економски развој (ЛЕР) при општина Охрид, поради постоење на основи за извршено кривично дело „насилство“.

Симоновски, информираат од МВР, пред два дена некаде после 15 часот започнал вербална расправија со секретарот во локалната самоуправа, упатувајќи му навредливи и заканителни зборови, а според полицијата, во еден момент се обидел и физички да го нападне, замавнувајќи со рака кон него. Оштетениот успеал да се оттргне и да го избегне ударот. Со ваквиот напад, објаснуваат од МВР, Симоновски извршил загрозување на сигурноста и предизвикал чувство на страв и несигурност кај секретарот во локалната самоуправа. Сведок на инцидентот било уште едно лице.

Настанот се случил во една од канцелариите во локалната самоуправа каде се вршело интервју и оценување на работењето на државните службеници, активности што се спроведуваат согласно Законот за државни службеници и Правилникот за начинот на оценување на државните службеници.

Пријавениот Г.С. револтиран од негативната оцена добиена од неговиот сегашен претпоставен што била идентична со негативната оцена добиена и од претходниот секретар во локалната самоуправа, манифестирал агресивно однесување и на висок тон започнал вербална расправија.

најчитано сега