Груевски со градоначалници и министри: Се исполнуваат ветувањата кон граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со министри од повеќе ресори и градоначалници денеска ги анализираа досега спроведените активности за исполнување на барањата од жителите од повеќе општини при посетите од владини функционери, и предлагаа решенија за побрза реализација на проектите.

- Како политичка партија веќе долг период сме прифатени кај граѓаните дека сме политичка гарнитура која што стои зад дадениот збор, стои зад ветувањата, стои зад она што ќе го вети при средбите со граѓаните. Огромна одговорност е да се испорача ветеното и да се одговори на потребите на луѓето во онаа мера колку што е можно и колку што е ветено, рече Груевски.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски информираше дека на барање на жителите ќе се реализира ветувањето за целосна обнова и проширување на патот Македонски Брод – Скопје, во должина од 14,5 километри. Ќе бидат инвестирани три милиони евра. Се планира тендерот да биде распишан за 10 дена. 

Овој месец ќе почнат активности и за обнова на делницата Неготино – Демир Капија, што е најоштетен дел од автопатот „Александар Велики“. Реконструкцијата на 16 километри од патот во двете насоки ќе трае една година. Се чека утврдување на времениот режим на сообраќај за старт на градежните работи.

Мисајловски ги претстави и двата плана за подобро инфраструктурно поврзување меѓу Гостивар и Кичево, едниот со изградба на автопат, а вториот со реконструкција на постојната делница. Тендерот за реконструкција, како што најави, треба да биде објавен деновиве, а во октомври да се избере компанијата за градежните активности. Ќе се обновуваат 30 километри пат во што ќе бидат вложени шест милиони евра. Таму се планира рехабилитација на пет моста и на коловозот. Се очекува градежните работи да завршат за една година.

- Почната е подготовка на документацијата за новиот автопат. Студијата се изработува заедно со Градежниот факултет. Имаме документација, но се договоривме да имаме дополнителни ревидирања, му одговори Мисајловски на Груевски кој потсети на првичниот рок следниот месец да биде објавен конкурсот за избор на концесионер.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески соопшти дека се изработуваат проекти за асфалтирање на три улици во вредност од 2,3 милиони денари. Жителите, како што рече, побарале две улици, но преземени се активности за три. Асфалтирањето, најави, ќе почне кон крајот на годинава. За осветлување на трите пристапа кај Коњско што ги побара месното население, според министерот Мисајловски, се поставени три канделабри во должина од 300 метри, инвестиција од милион денари.

За потегот Требеништа – Велгошти се анализира дали може да се направи нов регионален пат. На жителите им е најавено дека ќе се разгледа дали може да се стави во Програмата за следната година. Во Велгошти, според Бакрачески, се чека согласност од Министерството за транспорт на новиот Детален урбанистички план. Проблемот со водоснабдувањето ќе се решава со изградба на пумпна станица за зголемување на дотокот на вода. Почетокот на градба е планиран за следниот месец, а Општина Охрид за таа намена ќе одвои 1,5 милион денари. 

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски го информираше Груевски дека последните 700 метри од  патниот правец Радожда-Ливадишта-Елен камен е асфалтиран, порано од предвидениот рок даден на граѓаните при неодамнешната посета на Радожда. Исто така, рече, се работи и на асфалтирање на преостанатите три километри на делницата од Калишта до Струга, што треба да биде завршено овој месец. 

Во Радожда, како што информира министерот, се работи и на проекти за колекторскиот систем, за кој средства во висина од околу 8-10 милиони евра треба да се обезбедат од ЕУ, преку ИПА. Дали средствата ќе бидат обезбедени ќе се знае до идната пролет. Доколку не биде одобрен проектот, ќе се оди на варијанта со типски проекти за ваква намена, а потребните 1 милион евра ќе бидат обезбедени од Буџетот.

Во Радожда граѓаните побарале и санирање на училиштето. Заменик минстерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека иако тие барале помала санација, екипи на МОН направиле увид и, иако не било во план, била донесена одлука тоа целосно да се реконструира - санитарии, столарија, кров... во летниот период 2017 година.

Во струшкиот регион излезено им е во пресрет и на граѓаните на Лабуништа, кои побарале замена на возило за Итна Медицинска помош, а за 1 до 2 месеци ќе почне санацијата на амбулантата во ова село.

Во Струга започнува изградба на единечен тениски терен на женска плажа. Се чека одобрение од општината и за краток период ќе се почне со градба. Се очекува теренот да биде готов за три до четири месеци. Директорот на Агенцијата за млади и спорт  Марјан Спасески го информира Груевски дека наредната година ќе почне и изградба на повеќенаменско спортско игралиште за ракомет, фудбал и одбојка на песок.

Градоначалникот на Крушево и министерот Мисајловски претставија активности за реализација на проекти ветени на граѓаните во Крушево и околките општини, а министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, пак, информираше, за активностите на исполнување на барањата на жителите од Бучин за изградба на детска градинка.

Спасов истакна дека бил најден погоден објект кој ќе се преадаптира, за што обврска презела општината. Министерството за труд и социјална политика, рече Спасов, ќе ја опреми градинката. Додаде адаптацијата ќе заврши и градинката ќе биде отворена во во февруари наредната година, со капацитет за згрижување на 25 деца, колку што биле и потребите на граѓаните. 

 
 
01.09.2016 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега