Контраспинерски мајмунлаци

Изминатиов период, како печурки по дожд, изникнаа едно чудо платени медиумски фластери. Народски кажано, се накотија медиумски дишачи во врат чие што основно занимање, но и скапо платена работа во текот на денот е да ги манијачат  медиумските „непријатели“, и да реагираат на секој напишан збор што им ја симнува круната на опозициските мантрачи и помагачи. И доколку овие медиумски дишачи во врат навистина квалитетно си ја вршат зададената задача, би можеле и да ги пофалиме за манијачката амбиција, и за желбата да ги следат туѓите медиумски чекори.

Но, проблемот настанува кога скапо платениве медиумски фластери не добиваат задача да му се спротивстават на одреден автор со конкретни аргументи и факти напишани против одреден текст, туку кога крајната дописна цел е амебен обид за нечие девалвирање заради задоволување на ниски и најчесто болни страсти. Иако, за волја на вистината, нешто страстиве не им успеваат на терен, сепак останува отворено прашањето кому му се потребни овие циркузантски креатури во општеството?

Ако ги тргнеме настрана интересите на нивните налогодавци, и кешот што го земаат „авториве“ за секое медиумско тормозење на јавноста, останува прашањето која е општествената корисност на овие накази во медиумскиот простор, и која е вредноста за државата од оваа т.н. нивна медиумска активност. Нивните неаргументирани и измислени контра-ставови, секако не го подобруваат медиумскиот плурализам во мислењата, бидејќи најчесто станува збор за лажни тези, и измислени контра-спиневи што немаат никаква друга употребна вредност освен целта за нечија лична дискредитација. Можеме да се согласиме дека е добро и корисно за општеството да постојат вистински, објективни и едуцирани медиумски критичари кои умеат да критикуваат на издржан, и квалитетен начин. Во таков случај, овие луѓе би вршеле општествено корисни работи во јавноста. Но, да се критикува и оценува тежината на туѓото мислење, и искажан став не е потребно само нечија пуста желба и доминантна омраза, туку многу, многу повеќе од тоа.

Добра работа за медиумската критика е ако на позицијата медиумски дишач во врат се поставуваат луѓе што знаат да напишат, што умеат да мислат, и што, пред се, имаат основен капацитет да се спротивстават на некоја друга мисла, или здраворазумен резон со вистински контра-став, со квалитетни контра-информации. Проблемот доаѓа кога на таква позиција се ставаат луѓе што знаат само да протресат празна слама во јавноста од која публиката единствено што добива е алергиски осип.

Полека, но сигурно, македонскиот медиумски простор се наполни со медиумски (но и други) фабрикати, патолошки поединци на кои дишењето во врат им стана главен бизнис со одлична заработувачка. Задскриени зад името на некакви проект-чадорчиња, медиумските дишачи во врат го добија и приматот во одредени интернет порталчиња финансирани од истите проект-чадорчиња. Медиумските дишачи, преку ноќ, станаа ударни ѕвезди, топ вести во заедничкиот бизнис-профитен простор задолжен да го „мие“ медиумскиот двор и „умот на тоа, според нивното мислење, никаквото македонче“.

Преку проект-чадорчињата-порталчиња дишачиве во врат се обидуваат да се наметнат во медиумскиот простор не толку со содржината на сроченото, колку преку насловите, во кои задолжително се става главната состојка, најчесто презимето на таргетираниот автор, за текстот да добие на тежина, за да има голема читаност. Идејата е преку авторитетот на другиот, дишачов да проба да се бутне во медиумскиот простор, и да стекне каква-таква препознатливост. Значи, нашиве платени дишачи немаат за цел да го употребат својот ум за да се истакнат, туку задолжително користат други познати лица за да станат видливи. Презимето на авторот што се „обработува“ ставено во насловот на „нивниот текст“ е бинго комбинација. Без ум, без никакви аргументи, и без труд, а со задолжително внесување на главната состојка,   дишачов ќешира најмалку една просечна македонска плата за текст.     

И не е проблемот во „славата“ што овие дишачи мислат дека ја добиваат на јавна сцена со злоупотреба на името и презимето на познатата личност. Тоа секако е прашање на ниската културна и морална вредност на дишачов, но и на уредниците на порталчињава што мислат дека на тој начин прават бизнис.  Проблемот е во леснотијата со која одредени поединци се нафаќаат да вршат мајмунски ролји во општеството убедени дека прават некоја екстремно важна и општествено корисна работа.

Проблемот е во желбата што овие ноунеим поединци свесно и со голем жар во душата се нафаќаат да ја играат улогата на медиумски мајмуни, и да ги изведуваат однапред договорените и искреирани мајмунски акробации.

Од друга страна, интересна за гледање е нивната умешност со која се лизгаат од кората на нарачаните банани. Колку ли само се влезени во филмот дека ја едуцираат јавноста. Колку ли само се ставени во филмот дека преку нивните писанија се одолговлекува граѓанското внимание од главниот циркус што нивните ортаци, политичките платеници, го прават во земјата. Дежурните мајмуни се тотални анонимуси, инстант склепана сорта која е создадена да гори за туѓи интереси. Сорта на луѓе што се најсреќни на свет што се одбрани да бидат мајмуни на јавна сцена. На овие поединци, позицијата мајмун на јавна сцена им доаѓа како учество во екипаж подготвен за лансирање во орбитата. По секој напишан текст, заедно со задолжителната информација кој чадор стои зад него, креатуриве добиваат посебна значка мајмун учесник во медиумската стенд ап комедија. Колку повеќе собрани значки, толку поголема тежина во мајмунлакот на стенд ап комедијата. И не се проблем нарачателите. Кога веќе им се може, и кога нема кој да ги спречи во таквата активност, тие си ги бркаат интересите во земјата.

 

Проблем се локалниве платени креатури што се убедени дека со нивните мајмунски писанија тие се некој и нешто во медиумите, некакви креатори на промените во јавното мислење. Пустиве, кај немаат елементарна способност да ги освојат сите значки во стенд ап комедииве што ни се прикажуваат по странските спонзорирани порталчиња, уште и брука им прават на спонзорите што заради правилата во финансирањето, мора секогаш да стојат на крајот од секоја нивна срочена глупост. Навистина не им е лесно на странскиве донатори со нашиве мајмуни. Ем плаќаат комедии, ем на крајот задолжително добиваат медиумски трагедии...          

 
 
30.08.2016 - 12:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа