Голема експлозија во фабрика во Флорида - повредени и исчезнати работници
Неколку работници се повредени, а други се водат за исчезнати по серијата експлозии во фабрика за преработка на гас во американскиот град Таварес во сојузната држава Флорида, јави ИТАР-ТАСС.
Градскиот администратор Џон Друри за локалните медиуми соопшти дека 10 од вкупно 24 работници во фабриката за пропан-бутан „Блу Рино“ не биле најдени по експлозиите.
- Експлозиите го разурнаа покривот на фабриката, изјави шерифот на округот Лејк, Гари Бордерс.
Експлозиите почнале околу 23 часот по локално време (пет часот утрово по средноевропско време) и траеле околу еден час.
Веројатна причина за хаваријата е експлозија на контејнери со гас, од кои настанал пожар, по што пламените јазици достигнале височина до неколку десетици метри.
Таварес е град со население од околу 14.000 лица, а се наоѓа на околу еден час возење од Орландо.