Пристигна помошта од Бугарија за настраданите во поплавите

Хуманитарна помош од Република Бугарија за настраданите во поплавите во скопскиот и тетовскиот регион денеска и беше предадена на Дирекцијата за заштита и спасување.

Помошта се состои од вода, електро-материјали, средства за дезинфекција, монтажни кревети, шатори, детски пелени, медицински материјал и други средства. Донацијата е вредна околу 120.000 лева, а од Црвениот крст на Бугарија пристигна и тим од тројца луѓе. 

- Бугарија уште еднаш го потврдува пријателството со Македонија во поглед на материјално-технички средства и опрема кои денеска со три шлепери се донесени во нашата држава. Се работи за пумпи за извлекување вода, агрегати, лопати, вреќи за спиење, креветчиња, шатори, многу средства за дезинфекција и неколку тони вода, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.

Тој упати благодарност до Амбасадата на Бугарија во Македонија и до бугарската Влада за се што прави за загрозените подрачја во Скопје.

- Бугарија беше првата држава која пристигна, веднаш по несреќата со две цистерни за испумпување вода и со човечки ресурси, со 15-тина лица кои беа упатени да помогнат во најпогодените места. Беше присутен и директорот за вонредна состојба Никола Николов и останати структури, рече Салиу. 

Бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Петков изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата и до сите оние кои настрадаа. 

- Република Македонија е наша најблиска и најпријателска држава. Наша чест и долг е да помогнеме...Ние сме тука да помогнеме и да не се случуваат повеќе вакви нешта, порача Петков.

 
 
17.08.2016 - 16:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега