ОД ДЕНЕС НЕ СЕ ПРОДАВААТ: Повлечени хартиените автобуски билети
Хартиените автобуски билети за 10 возења од денеска веќе не може да се купат во билетарниците. ЈСП- Скопје ги повлече од продажба неколку дена пред истекот на нивната важност. Граѓаните кои се уште имаат хартиени билети ќе мора да ги искористат најдоцна до 1 септември, кога стартува и електронската наплата во автобусите.
Како што и претходно беше најавено, од 1 септември целосно се укинуваат хартиените билети. Сите граѓани кои се возат со јавниот превоз, задолжително ќе мора да користат персонализирана или непресонализирана СКОПСКА картичка, која ќе важи и за државните и за приватните автобуси.
Покрај со СКОПСКА картичка, граѓаните ќе може да плаќаат во автобусите и со мобилен телефон. Валидацијата со мобилен телефон ќе се врши преку таканаречен пренос на податоци преку звучна комуникација меѓу мобилниот телефон и валидаторот, а плаќањето е со вртење на бесплатниот телефонски број 185.
Со единствениот тарифен систем за јавен превоз во Град Скопје, цените на услугите на ЈСП- Скопје и приватните превозници ќе се изедначат.
Автобусите ќе се движат по единствени линии- ЈСП и приватните превозници ќе имаат строго определени линии на движење, оптимизација на возниот ред и стриктно придржување кон истиот.
На овој начин, се очекува намалување на турканиците во автобусите и навремено пристигнување до посакуваната дестинација на граѓаните.
Со вкупно 590 возила, од кои ЈСП- Скопје со 385 и приватните превозници со 205, Градот Скопје ќе ги опслужува граѓаните со јавен транспорт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа