Пратениците ги кажаа ставовите: Трет ден се расправа за ребалансот на буџетот

Собранието на Република Македонија во рамки на 111. седница денеска ја продолжи расправата по ребалансот на Буџетот за 2016 година. 

Ребалансот на Буџетот за 2016 година предвидува намалување на вкупните приходи и од 177,292 милиона денари на 174,291 милион, на вкупните расходи од 196,276 на 195,472 милиона, а дефицитот е ревидиран од 18,984 на 21,181 милион денари. 

Пратениците ги повторија ставовите. СДСМ нема да го поддржат ребалансот на Буџетот обвинувајќи ја актуелната власт дека ги осиромашила граѓаните и дека се уште ја задолжува државата. 

Пратениците, пак, од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека ребалансот е издржан и посочија на бројни реализирани проекти и активности кои се во тек, а кои се во насока на подобрување на животот на граѓаните. 

Здравството беше една од темите кои доминираа за време на парламентарната дебата.  

Пратеничката Билјана Настеска од СДСМ зборуваше за состојбата во здравството особено во нејзиниот град Кичево, каде по 2006 година иако се работело, како што рече, се уште не била реновирана болницата и немала доволно апарати. Обвини за инсулинска криза, а зборуваше и за поливалентните вакцини. 

Нејзиниот колега Сашо Василевски рече дека инсулинска криза во Македонија немало и оти пратеничката треба да каже дека поливалентните вакцини се воведуваат првпат во Македонија. 

Претходно, пратениците укажаа дека треба да се каже и дека има нова Детска болница во Козле, Државна кардиохирургија и други нови или реновирани болници и апарати распоредени низ целата територија на земјата. 

Трет ден пратениците расправаат за ребалансот на Буџетот. Според бројот на пријавени пратеници за збор, се очекува за ребалансот да се гласа најдоцна в понеделник, на петтиот ден од расправата, имајќи предвид дека за утре е закажана седница за пратенички прашања, а во собраниска процедура треба да влезат и законите, кои произлегуваат од договорот на партиите потписнички на Пржинскиот договор.

 
 
27.07.2016 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега