Заев: Договорот пред се е поволен за граѓаните на Македонија

Договорот што го постигнаа политичките партии пред се е поволен за граѓаните на Република Македонија и е излез од политичката криза. За СДСМ овој договор е поволен зашто ги обезбедивме чекорите за исполнување минимум два услова, а тоа се минимум регулација на медиумите преку формирање ад-хок тело и допрочистување на избирачкиот список, оцени денеска во Струмица лидерот на СДСМ Зоран Заев кој присуствуваше на седница на Советот.

Тој очекува дека овие фази ќе обезбедат предуслови за фер и демократски избори.

- Со овие две фази очекуваме избалансирано известување на медиумите, почитување на професионалните стандарди, етичките кодекси, неширење омраза на медиумите. Истовремено, самиот процес кој треба да го заврши ДИК наредните 30 дена, а на крајот ќе го констатираме ние лидерите на четирите политички партии, треба да го предочи конечниот Избирачки список за наредните парламентарни избори кој конечно нема да биде 1.813.000 или 1.804.000 туку помеѓу 1.550.000 и 1.580.000 гласачи. Со тоа целосно се отстранува можноста да се злоупотребат евентуално гласачи во избирачкиот процес што ја обезбедува слободно изразената волја на граѓаните, рече Заев.

Лидерот на СДСМ смета дека граѓаните на Македонија на наредните избори ќе го покажат патоказот по кој ќе се движи Македонија.

Прашан за критиките кои стигнуваат на сметка на СДСМ за постигнатиот договор, Заев одговори дека кога има преговори мора сите страни да попуштат за доброто на граѓаните и економијата.

- Никој не може до крај да биде среќен. Ние сме за целосни реформи во медиумите и го поддржавме предлогот на ЗНМ кој беше изработен од меѓународната заедница, а предложен од Питер Ванхауте, рече Заев.

Додаде дека при номинирање главен и одговорен уредник на МТВ ќе се воделе од професионални и експертски стандарди и истото го побара од овластените предлагачи на ад-хок телото кое треба да го оценува информирањето на медиумите. Смета дека ќе има почитување на договореното, зашто, според него, тоа веќе не било во рацете на политичките партии туку на институциите.

- Поприлично сум убеден дека договорот ќе се почитува оти овие услови не зависат од партиите. Технички се аспектите. ДИК веќе по одлука по закон, кој треба да биде донесен, треба да стави 171.500 гласачи во посебен дел на избирачкиот список за да нема злоупотреба на дијаспората, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, сомнителните 30.500 гласачи ќе добијат право да се регистрираат, а ако некој пропушти тоа ќе може да го направи на јавниот увид пред изборите.

Заев смета дека овие аспекти ќе бидат завршени на време за да може 11 декември да биде датумот на предвремените парламентарни избори.

 
 
22.07.2016 - 16:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега