Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ бега од Пржинскиот договор и фер избори

Според она што се случуваше во изминативе два месеца и новите барања коишто беа измислени во последните десетина дена станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни, фер и демократски избори и од Пржинскиот договор, изјави денеска пред почетокот на меѓупартиските разговори Радмила Шекеринска, претставник на опозициската СДСМ. 

Според неа, заради тоа им било потребно на владејачките партии да ги менуваат законите коишто се однесуваат на министерот за внатрешни работи и, како што кажа, да ги проблематизираат работите што беа затворени уште во 2015-та година.

- Сметаме дека на Македонија час поскоро и требаат фер и демократски избори. Заради тоа во целиот овој преговарачки период баравме решенија, а не отворавме нови прашања и така ќе продолжиме и понатаму, рече Шеќеринска. На граѓаните, додаде им треба разврска на кризата, но и реални, вистински, фер и демократски избори, а не уште едни криминални избори. 

Според неа, станало јасно дека владејачката партија „бара рачка за да нема договор, затоа што, кога нема договор тие можат да продолжат да ловат во матно“. 

И Шекеринска, како и другите учесници во разговорите не соопштија какви идеи биле дадени на вчерашната средба во резиденцијата на амбасадорот на САД Џес Бејли. 

- Сите идеи коишто можат да не доведат до фер и демократски избори и до решавање на кризата којашто на оваа држава и на нејзините граѓани им одзема многу време, сето тоа е вредно да се разгледува, одговори Шеќеринска.

Во Клубот на пратениците денеска продолжија меѓупартиските разговори на потписниците на пржинскиот договор. Вчерашната средба во резиденцијата на Бејли, како и претходните неделава завршија без договор.

 
 
19.07.2016 - 13:44
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега