Сочувство од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за настраданите во Ница

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“  до амбасадорката на Република Франција во Република Македонија Лоренс Оер изрази жалење и сочувство до сите повредени и до семејствата на загинатите во вчерашниот терористички напад во францускиот град Ница.

- Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со длабока тага и неверување ја прими веста за грозоморниот и кукавички чин на прославата на францускиот државен празник во Ница, Република Франција. Силно Ве уверуваме дека мислите и молитвите на секој македонски граѓанин во овие тажни мигови се со Франција и францускиот народ, соопштија од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

На вакви или слични терористички напади во изминативе неколку години, како што се наведува, не останаа имуни повеќе држави во светот, меѓу кои и Република Македонија. Токму затоа, стои во соопштението, ние како Македонци и граѓани на Република Македонија многу добро го познаваме чувството на огорченост и осуда кон вакви сурови и злосторнички терористички напади.

- Оттука, независно од тоа каде и на кој начин се случуваат вакви напади, тие претставуваат напади врз човештвото и против тоа мора и треба да се бориме заедно. Бидете сигурни дека вакви кукавички терористички напади само го зголемуваат чувството на солидарност и ја зајакнуваат нашата заедничка борба и заложба за победа против ова зло кое сее страв насекаде во светот, не препознавајќи ниту религија ниту националност. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ уште еднаш изразува искрено и длабоко сочувство до семејствата на настраданите и повредените и истовремено во овие тешки мигови за француската држава стои на располагање во секој момент и подава рака за поддршка на народот на Република Франција,  се вели во соопштението. 

 
 
15.07.2016 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега